Старите лица и пензионерите од Охрид, за кои нема кој да се грижи или сакаат да живеат сами, се уште немаат каде да се сместат со оглед на тоа што охридскиот регион е без Дом за стари лица. Иако иницијативата за изградба на една ваква социјална установа веќе со години се најавува во Охрид, сепак конкретен план во јавноста се уште не e доставен од надлжените институции.
Пензионерите од градот сметаат дека еден ваков капитален проект, би придонел за подостоен живот на оваа категорија граѓани во охридскиот регион.
„Со години се најавува изградба на Дом за стари лица кај хотелот Магнус, но овие години конкретно ништо не сме чуле. Една таква установа би значела капитален проект за градот, место каде би можеле да се згрижат постарите кои сакаат сами да живеат, или пак немаат кој за нив да се грижи. Вакви објекти во странство функционираат беспрекорно, со идеални услови за оваа повозрасна категорија граѓани.“ – велат охридските пензионери.
Локалната поддржува изградба на пензионерски дом
При неоддамнешната посета на градоначалникот Бакрачески кај охридските пензионери, првиот човек на Охрид објасни дека локалната самоуправа напорно работи на иницијативите на Здружението на пензионерите од Охрид и Дебрца, за изградба на една ваков општествено полезен објект.
„Во овој момент работиме на иницијативите на Здружението на пензионери, од кои едната е со активно учество на локалната самоуправа, а втората иницијатива е обезбедување на простории за Клуб на пензионери, во кој тие ќе можат секојдневно да се дружат, рекреираат и забавуваат. Јас се надевам дека до крајот на оваа година ќе го решиме просторниот проблем со кој се соочува Здружението на пензионери од Охрид.“ – изјави градоначалникот Бакрачески, при посетата на охридските пензионери за време на празникот 8-ми Март.
Во Геријатрија згрижени 30-тина лица
Единствената државна установа каде што моментално се згрижени 30-тина повозрасни граѓани е Одделението за геријатрија при ЈЗУ Општа болница Охрид. Како што неоддамна изјави директорот на оваа установа, д-р Љубен Арнаудов, потребно е овој центар да се доразвие и да се прошират неговите капацитети.
„Сега се 30 кревети, кои очигледно не се доволни, а овој систем е повеќе импровизација и не е по стандард. На неколку пати разговарано е за ова, така да се надевам дека ќе најдеме едно разумно решение во рамките на Министерството за здравство и во рамките на општината, да им помогнеме на граѓаните на Охрид, односно овој центар понатака да го развиеме во еден подобар, каков што градот заслужува.“ – изјави Арнаудов.
Градските татковци неоддамна расправаа за изградба на Дом за стари лица
На четвртата седница на Локалниот економски совет оддржана на 10-ти минатиот месец, меѓудругото градските татковци расправаа и за потребата од план и изградба на Дом за стари лица, во насока на подигањето на стандардот на жителите на Охрид.
Еко-населбата во Лакочереј предвидува ваква установа?
Македонецот Божин Трајкоски кој долги години живее во Австралија, пред десет месеци во општина Охрид ја презентира идеата за изградба на елитна еко населба во охридското село Лакочереј, во која се предвидени општествено полезни објекти како Дом за стари лица, спа и спортско рекреативен центар.
„Пензионерскиот дом ќе има 100 соби, а секое лице ќе има свој апартман, соба за спиење и паркинг простор. Во средината на домот, предвидена е кујна и клуб за пензионери, со цел истите да имаат занимација преку целиот ден.“- потенцира во тоа време Трајкоски.
O.T.