Иако во текот на изминатите неколку дена поголемите македонски општини регистрираат зголемување на бројот на заболени од грип, во Охрид засега не се регистрирани алармантни податоци за пациенти кои имаат симтоми на ова сезонско заболување.

Според евиденцијата на охридскиот Центар за јавно здравје, во текот на изминатата седмица во Охридскиот регион биле пријавени околу 10 лица со клиничка слика на грип, на возраст од 20 до 59 години.

-Споредено со бројката на заболени во другите градови, регистрираната бројка кај нас не е голема. Помалиот број на заболени во Охрид се должи на малата загаденост на воздухот и високиот процент на имунизација против грип. Благо зголемување на бројката на заболени од грип, се очекува со почетокот на второто полугодие во училиштата, информираше д-р Јованка Стурлакова Корвешовска, од Епидемиолошкото одделение при Центарот за јавно здравје во Охрид. Таа објаснува дека, според искуствата од претходните години, највисокито процент на заболени од грип се очекува во текот на месец февруари.

Инаку на ниво на цела Македонија за само пет дена има 880 новозаразени од грип, а вкупната бројка за оваа сезона достигна до 3.900 лица.

За да се спречи ширењето на сезонскиот грип, лекарите по општа медицина најчесто советуваат да се конзумира храна богата со витамини, да се избегнува долг престој во затворени простории и да се внесува доволна количина на течности во организмот.

OhridNews