На ниво на општина Охрид засега не се евидентирани бездомници, но и доколку се пријават вакви лица проблем е каде тие ќе бидат сместени. Градот сеуште не располага со простор каде тие би се згрижиле.

Овој проблем сеуште се решава на централно ниво, но досега не е најден соодветен простор каде би се згрижиле луѓето кои немаат дом. Имавме случај кога кај нас се обрати лице кое сакаше привремено да биде сместено некаде затоа што нема каде да престојува. Бидејќи во Охрид нема центар каде би се згрижиле овие лица,  се обративме во Скопје, но од таму ни беше кажано дека центрите каде се згрижуваат бездомниците се полни. Се надеваме дека наскоро со децентрализацијата, локалната самоуправа ќе вложи напор и овој проблем ќе биде решен, вели Анета Јованоска од Црвен крст- Охрид.


Она што засега може да се направи е да им се помогне барем на оние кои имаат покрив над глава, но неопходни им се храна, топли обувки и прекривки. Деновиве од страна на општинскиот Црвен крст беше упатен апел за донирање на вакви предмети.На апелот се одзваа десеттина граѓани кои уште еднаш ја потврдија својата хуманост.

Тие се складираат во магацинот на Црвениот крст од каде во секој момент може да ги подигнат оние на кои тие им се неопходни.


– Кај нас деновиве беше побарана помош од над 200 граѓани кои се социјално загрозени и на кои им е потребна помош од храна, но поради ниските температури и топла облека, обувки и прекривки, вели Јованоска.

Апелот останува и понатаму и секој кој има  можност, може да донира користени и стари обувки и прекривки со цел да им се излезе во пресрет на оние кои студените зимски денови ги минуваат без греење  и без соодветна топла облека.

OhridNews