Фудбалерите на Охрид ја забележаа првата победа во Втората македонска фудбалска лига-запад совладувајќи го составот на Скопје со 1-0 (0-0) во осмата рунда од шампионатот. Стрелец на победничкиот погодок беше Игор Клечкароски од пенал во 89-та минута.

Двете екипи почнаа отворено, а тоа резултираше со добар фудбал. Првата прилика за погодок ја имаа домашните фудбалери. Вренцоски прими топка по страна, добро се проби во срцето од казнетиот простор и силно биеше по земја, но на место беше гостинскиот голман Стевковски.

Пет минути подоцна, Охрид повторно се закани. Најистурениот фудбалер во Охрид, Клечкароски највиско скокна после центаршутот на Вељаноски и со удар со глава ја затреси гредата на гостите. Во 21-та минута, гостите ја имаа првата прилика. Од офсајд позиција маестрално се извлече Вилдан Керим но затаи во реализацијата и резултатот остана ист.

Во последните десет минути, двата состави имаа по една прилика. Охрид се закани преку Велевски, додека гостите од Скопје се заканаа со ударот на Петкоски, но мрежите мируваа.

Второто полувреме почна нешто мирно со надмудрување на средината од теренот. Првата прилика за водечки погодок им припадна на гостите во 59-та минута. Ајрулаху добро се извлече на повратна топка и шутираше во рамката на голот, но Котески беше на место и не дозволи гостинска радост.

Во продолжението мечот не изобилуваше со многу прилики. Клечекароски шутираше над голот, додека гостите константо ја имаа топката во посед, но без посериозна прилика за погодок.

Одлуката за победникот дојде во 88-та минута. Вренцоски добро ја задржа топката се ослободи од неколку играчи, а еден од нив со клизачки старт го фаулираше во казнетиот простор. Сигурен реализиратор беше Клечкароски за прва радост на охриѓани.

Во финишот гостите се обидоа да се заканат, но охриѓани издржаа и освоија значајни бодови во трката за опстанок. Во следната рунда Охрид гостува кај тимот на Дрита.

Мх.П.