Природниот прираст во Охрид во четвртиот квартал од 2015 година е -3 лица. За толку бројот на живородените деца е помал од бројот на починатите, соопшти Државниот завод за статистика. Статистичките податоци покажуваат дека во четвртото тримесечје од 2015 година во Охрид се родиле 134 новороденчиња, а починале 137 лица. За истиот временски период 98 парови од Охрид стапиле во брак, а биле евидентирани и 18 разводи.
Споредено со податоците кои биле евиденирани во третиот квартал од 2015 може да се забележат значителни разлики. Во тој период природниот прираст во Охрид бил 11 лица, односно се родиле 152 новороденчиња, а починало 141 лице.
На ниво на Македонија природниот прираст во четвртиот квартал од минатата година изнесува 665 лица.
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на живородените деца во четвртото тримесечје од 2015 година, во споредба со истиот период од претходната година, е зголемен за 0,6% и изнесува 5.758 живородени деца. Бројот на починати лица во истиот период бележи намалување од 1,3% во споредба со истото тримесечје од 2014 година и изнесува 5.093 лица, а од нив 53 се починати доенчиња.
Бројот на склучените бракови во ова тримесечје од годината е зголемен за 6,7 % во споредба со истиот период од 2014 година и изнесува 3.494 бракови. Разведените бракови во ова тримесечје од годината бележат намалување од 23,6% во споредба со истиот период од 2014 година и нивниот број изнесува 507.
OhridNews