
Локацијата каде се копа е во права линија со базата. Нашиот сограѓанин кој го сподели видеото се обидел да се доближи до машините и возилата, за подобро да види што се случува, но добил вербални закани, тврдат од еколошкото движење „Охрид SOS“.
Зарем бетонската база не се демонтираше и рушеше? Дали Оливер Спасовски и Министерство за внатрешни работи ќе се одважат и ќе ги запрат овие активности на брегот и вистински, до крај, ќе ја спроведат акцијата за прекин на работата на нелегалната бетонска база? Што е приоритет – јавниот интерес, заштита на животната средина и почитување на правдата и законите или еден надмен поединец кој изминативе години е неприкосновен и оставен да прави што сака во општината? – прашуваат од „Охрид SOS“.
Неформалното еколошко движење бара веднаш, уште денес, властите да започнат со брза и одлучна акција и да го запрат дивото копање езерски песок од крајбрежјето и да ги казнат физичките или правните лица кои ги изведуваат градежните активности.
Ќе ја затворите бетонската база и ќе наложите нејзино демонтирање и рушење. Ако на почеток Усеини побарал сам да го стори тоа, а се покажа дека само излажал и купувал време, сега најдете фирма која ќе го стори тоа. Не чекајте, ако „Македонијапат“ ја руши дивоградбата во Скопје, нека дојдат после тоа и во Охрид, да се продолжи низата. Во спротивно од старт ќе покажете дека новата влада е само лицемерие и неспособност завиткано во убава хартија. Само вистинска и решителна акција ќе покаже дека сите тие зборови не се само празни фрази во етерот. – и се обраќаат на новата Влада активистите на „Охрид SOS“.
OhridNews












