Охрид ЅОЅ пред кандидатите за градоначалник излезе со „Платформа за зелен и современ Охрид“ Во неа се содржани барања чиешто исполнување ќе значи напредок за Охрид, задржување на младите во него и, секако, зачувување на едно од главните нешта што Охрид го прават туристички центар – неговата прекрасна и единствена природа, велат од неформалното еко движење Охрид SOS. 

-Очекуваме од кандидатите кои ветуваат подобар живот за охриѓани безусловно да се обврзат на исполнување на нашите барања бидејќи тие се барања на секој жител на Охрид кој сака да живее среќно и исполнето и да биде горд на својот град. Тие се барања кои ќе го унапредат животот и ќе создадат основа за одржлив развој на регионот. Управувањето со општината во изминатиот, веќе подолг период, оди во насока која ја доведе во прашање иднината на Охрид воопшто. За жал концептите за развој кои се поддржуваат не одговараат ниту на поднебјето, ниту на времето во кое живееме. Охридското Езеро е едно од 8 до 20 древни езера во светот, а планината Галичица е една од најбиодиверзитетните планини во Европа, но кусогледиот начин на менаџирање се заканува да ги жртвува овие суштински важни природни ресурси. Проектите кои се предлагаа до сега се темелат на принципите на развој на масовен туризам кој е надминат, неодржлив, со краткотрајна и ограничена добивка, и е сосема несоодветен за регионот. Охрид, во контекст на таквиот туризам станува неконкурентен, а неговата вистинска вредност и посебност се потценети. Масовниот турзиам води до несогледливи и ненадоместливо штетни последици врз основните ресурси на кои потенцијалот за развој на Охрид се темели. – велат од Охрид SOS.

Според Охрид SOS равојот на оштината е возможен само со почитување на принципот на одржливост.

– Во досегашната практика димензијата на одржлив развој е сосема занемарена, отсуствува стратешко планирање и соодветна грижа за природното и културното наследство. Охрид нема Стратегија за развој на турзимот, ниту Стратегија за управување со УНЕСКО регионот. Заштитата на Охридското Езеро се раководи според Законот за трите езера од 1977 г. и Езерото веќе бележи знаци на еутрофикација. Студенчишко Блато десетици илјади години ја прочистува езерската вода, а сепак му се закануваше целосно бетонизирање. Галичица е еден од само 20 Прекугранични биосферни резервати на УНЕСКО во целиот свет, а со предлог-измените за управување со Националниот парк, над 604 хектари треба да го изгубат степенот на заштита, стотици хектари шума ќе бидат на удар, од кои 84 хектари само од ендемичниот македонски даб. – истакнуваат од Охрид SOS.

Според Охрид SOS екологијата целосно е запоставена во општината, а компаративните предности на регионот не се искористуваат соодветно поради недостиг на соодветна стратегија за локален економски развој и стабилизација на раселувањето.

-Потребна е вистинска валоризација на брендот УНЕСКО, отворање на нови пазарни сегменти и следење на промените во побарувачката на глобално ниво, креирање на туристички производ со поголема додадена вредност со таргетирање на општествено одговорни посетители, каде што супериорноста на Охрид ќе блесне, наместо да згасне. – сметаат од Охрид SOS.

Oттаму очекуваат новоназначениот „татко“ на градот да го раководи Охрид на 21 век во кој економската добивка ќе се темели врз заштита, а не деградација на ресурсите, каде што апликацијата на современите технологии и екологијата ќе го направат светски пример за успешност.

OhridNews