Општина Охрид го протуркала проектот „Медитеранска плажа во Лагадин“ замаскиран како поставување урбана опрема, со што се избегнува јавноста во процесот и покрај официјалниот приговор на месното население против реализацијата на овој план, обвинува еколошкото движење „Охрид СОС“

-Отпорот од јавноста ја принуди Општина Охрид на најподмолен начин да го расцепка некогашниот проект за морска плажа на езеро и перфидно и незаконски да го протурка како поставување урбана опрема. Со оваа процедура се избегнуваат и потребните градежни дозволи, како и водостопанската дозвола што претставува чиста манипулација со правото и противзаконско избегнување на учеството на јавноста. Дали Министерството за животна средина и просторно планирање е запознаено со сево ова и дали стои зад ова и го поддржува? – стои во дописот на „Охрид СОС“ испратен до медиумите.

Екологистите сметаат дека надлежните наместо да ги решаваат приоритетните проблеми на граѓаните и да ги штитат природните вредности поради кои регионот е под заштита на УНЕСКО, овозможуваат релаизација на проекти кои може штетно да влијаат на туризмот.

-Ја потсетуваме Општина Охрид дека на плажата Лагадин минатата година во екот на туристичката сезона се излеа колекторот и предизвика страшен стомачен вирус кај огромен број домашни и странски туристи. И ова се случува секоја година. Дисфункционалниот колекторски систем е горлив проблем за Охрид и врвен приоритет. Наместо буџетот на општината рационално и домаќински да се насочува кон ваквите суштински проблеми, надлежните безобѕирно се расфрлаат со парите на граѓаните усмерувајќи ги кон финансирање на популистички проекти. Ваквите проекти запакувани во нивните светкави машнички лажно ја наведуваат јавноста дека се прават за нејзино добро кога навистина се прават за нечии финансиски интереси и лично богатење. Надлежните ја манипулираат јавноста со изјави од типот „медитеранска плажа со морски песок ќе го спаси туризмот во Охрид“, но вистината е дека туристите кои доаѓаат во овој дел од Охрид се приврзаници на активниот туризам или се семејства и постари лица кои дошле по малку мир и тишина за вистински да се одморат. Ваквите „проекти“ само би ги урнале напорите на туристичките кластери и асоцијации да привлечат туристи заинтересирани за активен туризам кои во просек трошат двојно, па и тројно повеќе пари во споредба со туристите приврзаници на масовниот туризам. – се вели во соопштението.

Од „Охрид СОС“ забележуваат дека за реализација на проектот во  Лагадин треба да се исечат стотици метри појас трска каде што се гнездат лебеди и се мрести крапот.

-На 100 метри трска се гнездат само по 3 парови лебеди! Уништувањето на трската може да придонесе лебедите засекогаш да го напуштат езерото како екосистем. – велат од „Охрид СОС“ повикувајќи се на проектот „Регистрација на појасот на трската како основа за понатамошно следење на состојбите во Охридското Езеро“ спроведен од Хидробиолошкиот завод во 2012 г. во кој научната институција бара при какво било планирање за интервенција врз и во близина на овој појас на трската од езерото да бидат консултирани соодветните институции, бидејќи Охридското Езеро е заштитено подрачје во категоријата Споменик на природата и затоа задолжително е да се води сметка за заштита на биодиверзитот (растителен и животински), зачувување на природните пејзажи и естетски вредности на крајбрежниот регион, односно за заштита на природното наследство. Дополнително трската, како исклучително важен дел од Езерото, е под посебна заштита со: Законот за заштита на Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро, Законот за заштита на природата, Законот за рибарство и аквакултура на Р.М., Законот за заштита на природни реткости, Законот за заштита и унапредување на животната средина и природата, Законот за животна средина и Законот за води“ и задолжително е за секоја планирана сеча на трската да се земе потпис од МЖСПП – Управа за животна средина – Одделение за природа, додаваат од „Охрид СОС“. 

Оттаму предупредуваат дека заменувањето на крајбрежната флора со неавтохтони видови кои може да предизвикаат промени во сложениот езерски екосистем, а градењето платформи во езеро неизбежно вознемирување и уништување на локалната (ендемична) флора и фауна, зголемување на отпадните и штетни материи во езерото, како и трајно нагрдување на пејзажот. 

Според „Охрид СОС“ со проектот за изградба на медитеранска плажа во Лагадин се прекршуваат најмалку 10 закони и 8 меѓународни конвенции, најавувајќи дека МЗ Лагадин ќе поднесе жалба поради невклучување на јавноста во донесувањето на оваа одлука. Дополнително, ќе започне постапка пред Државниот управен инспекторат поради игнорирање на барањата за уставно-загарантираните права на учество во донесување одлука. 

OhridNews