Проектот за пренасочување на реката Сатеска по нејзиното провобитно корито е толку лошо изготвен така што спроведувањето на самиот проект би можело да доведе до спротивен ефект од предвидениот, односно „има потенцијал за зголемување на изложеноста и ранливоста на влијанијата од климатските промени“, велат активистите на Граѓанската еколошка иницијатива „Охрид SOS“.
Последната Реактивна мониторинг мисија на УНЕСКО во Охридскиот Регион (2024) подеднакво, посочуваат, утврди дека пренасочувањето „најверојатно нема да го реши проблемот со седиментите и загадувањето кои и понатаму ќе се влеваат во Охридското Езеро во услови на поголеми метеоролошки настани“.
Проектот почна во 2022, со поддршка на УНДП, со цел враќање на реката во сливот на Црн Дрим наместо во Охридското Езеро. Проектот беше претставен како начин за заштита на регионот од екстремни временски услови и спасување на езерото од загадување.
Според „Охрид SOS“, предвиденото решение за проектот е недоволно квалитетно односно квази-решение што ги остава истите проблеми, со можност да предизвика и други.
На хартија, идејата беше одлична: подобра заштита од поплави и почисто езеро. Двоен успех. Но, што навистина се случи? Прво, наместо да се реконструира старото корито така што ќе може да издржи 100 м³/сек при големи бури (утврдено со претходни технички проценки), речното корито беше направено да издржи само 15 м³/сек. Волумен поголем од тоа, повторно би одел во езерото. Така што при екстремни временски услови загадувачките материи ќе продолжат да се влеваат во Охридско Езеро – токму кога проблемот со штетните материи и седиментите е најголем, потенцираат.
Понатаму, додаваат, наместо да се изработи проценка на влијанието врз животната средина (ОВЖС) беше изработен фарсичен документ – ископирани делови од документи за сосема други проекти, користени застарени и неточни податоци, и не беше направена никаква проценка на влијанието врз автохтоните видови како охридската пастрмка.
Конечната нацрт-верзија на таа нискоквалитетна ОВЖС беше доставена до Министерството за животна средина и просторно планирање пред воопшто да се одржи јавна консултација за проектот! Ова обелодени дека ниту носителот на оцената на влијанието, ниту министерството навистина имаа било каква намера да ги чујат ставовите на локалното население, земјоделците, сопствениците на земјиште и граѓанското општество. Коментарите на Охрид ЅОЅ доставени во рамки на таа консултација мистериозно исчезнаа.
На крај, пренасочувањето, велат, започна без добиено мислење од Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. Улогата на комисијата е да ги разгледа плановите и проектите пред нивната реализација за да се осигура дека нема да му наштетат на Светското наследство. Мислењето од комисијата е задолжително според закон.
Како последица на наведеното Иницијативата „Охрид ЅОЅ“ поднела жалба до УНДП за сите посочени нерегуларности. Притоа од УНДП е спроведена истрага со која е уврдено дека со оценката на влијанието врз животната средина „не се третираат сите релевантни влијанија врз физичките, биолошките и социоекономските ресурси, вклучувајќи директни, индиректни, кумулативни и индуцирани влијанија“, дека делови од оцената се плагијат, дека ресорното Министерство за просторно планирање речиси воопшто не врши контрола на квалитетот на ОВЖС и оти ја довело УНДП во заблуда со неточно тврдење дека коментарите од „Охрид ЅОЅ“ пристигнале по истекот на рокот.
OhridNews