Во екот на туристичката сезона, Охрид станува „Мека“ за питачите кои доаѓаат од сите краеви ширум земјава. Во овој период се почесто можат да се забележат лица кои преку лошата социјална и здравствена состојба изнудуваат пари од минувачите во централното градско подрачје.
Од општинскиот Центар за социјална работа, велат дека изминатите години во текот на летната сезона постои голем прилив на лица од другите градови, кои питачат во Охрид.
„Во Охрид е мал бројот на вакви лица, а како жители го немаме проблемот вон сезоната. Но вистина е дека во летните месеци постои организирано доаѓање на лица од другите градови кои питачат по охридските улици. Претежно се од Битола, Прилеп и околните населени места. Се сместуваат по одредени станбени објекти и практикуваат питачење како дејност.“ – велат од Центарот за социјални работа.
Минатата година, Секторот за внатрешни работи од Охрид во соработка со општинскиот Центар за социјална работа, организираа неколку акции за отстранување на овие лица од охридските улици.
„Доколку полициските службеници проценат дека има потреба од контрола на одредени објекти и утврдат дека во оваа дејност се вклучени малолетни лица, тогаш ние настапуваме координирано. Претежно акциите се одвиваат во раните утрински часови, кога лицата не се активни на улица. Се утврдува нивната намера за престој и се прави увид на лице место, по што се констатира одредена состојба. Проблемот настанува бидејќи лицата кои питачат, званично се регистрирани, односно имаат регулиран престој во Охрид.“ – истакнуваат од Центарот за социјална работа.
Загрижува фактот што се повеќе малолетници се жртви на своите родители, односно се злоупотребуваат за овие нелегални активности.
„Делот во кој што сме ние вклучени претставува дејност, кога на терен ќе се утврди дека има деца. Во тој случај, ние се ангажираме од апсект на идентификација, односно утврдување дали малолетниците се сами или имаат придружба. Се концетрираме на нивно згрижување, односно враќање во градот од каде што потекнуваат. Изминатата година, во бараките кај „Трудбеник“ имавме транзитен центар, кој го користевме исклучиво за таа намена. Но најчесто оние малолетници кои доаѓаат во Охрид и питачат имаат придружба од родител или старател.“ – велат од Центарот за социјални работа.
Според најавите на надлежните институции, и оваа година во Охрид ќе се одвиваат координирани акции за идентификација и отстранување на овие лица од градските улици.
Инаку, Центрите за социјална работа од земјава, најчесто водат евиденција за малолетниците кои питачат, а се покренуваат постапки за нива ресоцијализација во општествениот живот.
О.Т.