Охрид стенка под товарот од десетици и десетици илјади гости. Не го паметам одамна вака полн.
Бројот на дојдените, тврдам, поголем е од бројот на постојаните жители.
Од плоштадот до хотелот “Милениум – Палас”, шеталиштето е нова градска плажа, нема простор нога да се пушти!
Тешко комуналците и полицајците. Се покажаа и едните и другите. Присутни се насекаде, инаку би завладеал хаос.
Честитки!

Дежурните служби постојано собираат смет, на потегот од Студенчишкиот канал кон Горица, корпите постојано се празнат, но знаете како е. Се користи секоја степеница за да се седне, а секаде каде може да се седне, нема и не може да се постават толку корпи.
Има време. И во Велика Британија, тревата не беше како што е сега во парковите низ Лондон, пред 200 години!!!
Впечаток остава сликата со сообраќајната полиција. Насекаде сообраќајци на мотори, на секоја крстосница – возило на полицијата. Сирените од возилата се постојано присутен декор.
Стефан Димоски, портпаропл на СВР Охрид, објаснува дека сиот полициски персонал е ангажиран. Особено во зачувувањето на редот и мирот и во регулацијата на сообраќајот.
Не знам за постарите, јас ваква слика не паметам за Охрид. Полицијата тоа го очекуваше и навреме се престрои. Ангажиран е персоналот не само од Охрид, туку и од сите полициски станици кои се под надлежност на СВР Охрид. Најповеќе од Кичево. – додава Димоски.
Не е и тоа брзо ќе се почувствува.
Не сум проверил, затоа, ако не сум во право – од напред се извинувам. На Охрид овие денови му треба помош не само од полицајците. Туку и од комуналците од други градови, од здравствените работници, од пожарникарите….
Каде е народот, таму треба да се овие приоритетни служби. Ако во моментов 10 проценти од скопјани се во Охрид, или од битолчани, тогаш и 10 проценти од капацитетите на овие служби треба да се во Охрид.
Сирените на возилата од итната помош и на оние на полициските, ги надјачуваат децибелите на музичарите. Што ако нема возила за сите повици!? Дали е организирана припомош од други градови?
Само така ќе бидеме едно, само така ќе бидеме – “Сите во одбрана и заштита!”. Ние постарите, паметиме времиња, кога, Македонија и Федерацијата во која бевме, за вакви прилики и потреби, беа организирани и делуваа на ваков начин.
Честит празник, за многу години Илинден, радост и среќа да ни донесе пророкот Свети Илија.
Веле Митаноски













