Ракометниот клуб Охрид вo сабота со почеток во 19 часот на домашен терен против тимот на Прилеп ќе го одиграат вториот натпревар од пролетната полусезона во Супер лигата. Охрид треба и мора да победи за да ги задржи шансите за пласман во плејофот во пресрет на последниве две рунди од елитното ракометно друштво.
- Се` е на наша страна и освен наша победа ќе биде големо изненадување. Нам ни е потребна победа за задржување на шансите за плејоф. Со оглед на пласманот на табелата треба да лесно да победиме, но тоа мора да го потврдиме на теренот. – изјави средниот бек Мартин Ивановски.
Споредба за пасијата кон ракометот во Македонија и Србија направи Лазар Петровиќ, кој игра за сениорската и младинската екипа.
- Во Охрид и Македонија се сака, гледа и цени ракометот. Што не е случај во мојата земја. Таму на дерби средба или во меч кој одлучува за титула има едвај 200 гледачи, додека тука во Охрид натпреварите на домашен терен се ракометен празник. Моите најблиски и пријателите кога ги гледаат натпреварите се чудат како возможно да има толку публика и навивање. – истакна српскиот интернационалец.
Тој заедно со останатите играчи од младинската екипа го обезбедија првото место и пласманот на завршниот турнир кој РК Охрид во соработка со останатите клубови ќе се потруди да го организира.
- Има една охридска и две струшки екипи и во соработка со нив ќе се потрудиме да го организираме во Охрид завршниот турнир. Нашите младинци се најдобри во лигата и сигурно ќе им значи многу поддршката од публиката во борбата за шампионската титула. – изјави спортскиот директор, Горан Недески.
Недески најави дека ќе има казни за пристапот и играта во „Езерското“ дерби со Струга. Охрид не наликуваше на себе и го изгуби дербито со 29-25.
- Управниот одбор ќе одлучи какви санкции ќе има. Играчите не беа на ниво, пристапот беше многу лош, а Струга ни покажа како се игра со страст. – рече Недески.
Охрид моментално се наоѓа на петтата позиција на табелата, додека утрешниот ривал Прилеп е десетто пласиран со дваесет бодови помалку од охридскиот состав.
Мх.П.