Охридските фудбалери со триумф ги започнаа контролните мечеви во зимскиот подготвителен период. „Рибарите“ на теренот со вештачка трева со 2-0 го совладаа составот на Јагодина од Србија.

Мрежите во првите 45 минути мируваа, но шанси имаше на двете страни. Охриѓани во вториот дел искористија две од приликите и стигнаа до победата. Резултатот во 60-та минута го отвори Александар Целески. Напаѓачот на „рибарите“ се најде на вистинско место во казнетиот простор и одбиената топка ја смести во гостинската мрежа. Во 72-та минута, Охрид зголеми на 2-0. Дамјан Божиновски релизираше после добриот контра напад на охридските фудбалери.

До крајот на мечот, Охрид, имаше уште една зрела шанса за трет погодок, но свои прилики имаа и фудбалерите на Јагодина, кои не успеаја да ублажат поразот.

Избраниците на Драган Бочески вториот контролен натпревар ќе го одиграат на 30 јануари, против екипата на Пелистер од Битола.

Почетен состав на Охрид: Симоновски, Лекоски, Цуцули, Трпески, Дишлиевски, Вељаноски, Алији, Ристески, Наумовски, Целески, Реџепи.

 

OhridNews