Охридските ракометари со триумф ги завршија тест средбите во подготвителниот период, откако во СРЦ „Билјанини Извори“ со 27-18 (12-9) го совладаа вториот состав на Еурофарм Пелистер.

„Гладијаторите“ натпреварот го започнаа со агресивна игра во одбраана. Во првите десеттина минути, охриѓани примија два голови а постигнаа шест за водство од 6-2. Во текот на првото полувреме разликата на семафорот стигна до пет голови, но гостите со мини серија во финишот дојдоа до минус три (12-9).

На стартот од вториот дел, избраниците на Раде Стојановиќ уфрлија брзина погоре и обезбедија највисока предност од седум голови (18-11). Шанса во продолжението добија останатите ракометари кои максимално ја искористија и го сведоа натпреварот во мирна завршница и убедлив триумф 27-18.

Филип Николов со пет голови беше најпрецизен ракометар во Охрид, а по четири постигнаа Филип Кривокапиќ и Иван Тасески. Три пати прецизни беа Бобан Блажески и Лексо Цицелишвили. Во битолски тим седум погодоци реализираше Талески.

Новата сезона во Супер лигата стартува следниот викенд. Охрид гостува кај тимот на Бутел Скопје.

OhridNews