ГРК Охрид вечерва (19:00 часот) во салата „Билјанини извори“ го игра реванш полуфиналниот натпревар од ЕХФ Европски куп против словенечкиот Целје.
Охриѓани во решавачкиот дуел влегуваат со минимална негатива, откако во првиот натпревар во Словенија загубија со 27:26, резултат што најавува голема борба за финалето.
Реваншот доаѓа по меч во кој Охрид покажа карактер, откако се врати во игра и го намали заостатокот на само еден гол, иако во текот на натпреварот имаше и поголема негатива.
Во пресрет на големиот дуел, во градот владее вистинска спортска еуфорија. Салата „Билјанини извори“ е целосно распродадена, а поддршката од трибините се очекува да биде дополнителен адут за домашниот тим во обидот да се испише нова страница во историјата.
Пласманот во полуфиналето веќе претставува најголем успех на охридскиот клупски спорт, но апетитите сега се уште поголеми. Во таборот на Охрид доминира вербата дека со борбеност и поддршка од публиката може да се надомести минималниот заостаток и да се обезбеди финале.
Влогот е огромен. Победникот од овој двомеч ќе се пласира во финалето, каде веќе го чека унгарскиот МОЛ Татабања, кој обезбеди место во завршницата на натпреварувањето.
Г.М.
Фото: А. Момироска


















