Претставниците на општина Охрид што се во посета на Австралија се сретнаа со Македонците кои живеат во Квинбиен,општина со многубројна заедница од  4.500 жители Македонски иселеници, во близина на главниот град на Австралија Канбера.


По претставувањето на можностите и потенцијалите што ги нуди Охрид за влез на странски инвестиции и бизнис климата во Охрид и Македонија, на средбата во Македонската црква Свети Илија, Македонците од Квинбиен најмногу се интересираа за сигурноста на нивниот капитал што би го вложиле во Охрид, цените на земјиштето и станбениот простор, можноста за  изградба на објекти на крајбрежјето и плажите, инфраструктурата во градот и периферијата, давачките кон градот и државата и поволностите  што им се нудат за вложување на капиталот кај нас.


 Македонците во Квинбиен ги кажаа нивните искуства од престојот во Охрид и посочија одредени проблеми и недостатоци кои според нив треба да се надминат за да се привлечат  туристите и инвестициите во Охридскиот регион, при што беше посочено дека еден од клучните фактори е подобрата авио поврзаност со Охридскиот аеродром.  На прашањата  одговори дадоа претставниците на општина Охрид, а дискусијата продолжи во неформалните разговори во црковниот двор. Не изостанаа политички прашања и провокации, што мина во духот на слободното изразување на мислењето и искажување на ставовите од Македонските иселеници и претставниците на општина Охрид.


Делегацијата од Охрид  беше примена од локалната власт во Квинбиен, каде советник во градскиот совет е Величе Трајаноски, Македонец од Охридско,кој е избран како независен кандидат за советник. Во оваа општина,каде има 50 илјади жители,веќе има  три генерации Македонци  присутни тука од пред 100-тина години. Тие сега се силно гласачко тело, имаат свои бизниси,работат во државните институции и администрацијата, Македонскиот јазик и веронауката се учат во основно училиште, има Македонска црква, Културно уметничко друштво –  Разиграна Македонија што ќе учествува на годинашниот Балкански фестивал во Охрид, Македоснки  фудбалски клуб и  пензионерско друштво.


Делегацијата од Охрид го посети и градот Голбурн, што се наоѓа на 100-тина километри од Канбера. Таму имаше средба со градоначалничката Керол Џејмс и генералниот менаџер Крис Бери, и со единственото Македонско семејство во оваа општина на Охриѓанецот Зоран Неданоски. Првите луѓе на Голбурн,мирно и гостопримливо градче со повеќе нации, убави цркви, модерни технологии на производство и познати спортисти, беа импресионирани од убавините на Охрид кој беше претставен во општината. Тие ја прифатија поканата да го посетат нашиот град и да се направат првите чекори за соработка особено на полето на културата и туризмот. Градоначалничката Џејмс изрази задоволство што одблизу го запозна градот од каде потекнува Неданоски,кој веќе 13 години е добар граѓанин на Голбурн,каде тој работи како менаџер, со што симболично се потврди дека доволно е само едно добро семејство меѓу жителите за да се воспостави пријателска релација со еден далечен град како Охрид, од што може да потекне поголема соработка во иднина.       

                                Нина Кепеска