Холандското ТВ шоу„Channel 3 Travels“ кое се емитува на третиот канал на националната холандска телевизија „Nederland 3“ започна да снима репортажи за Македонија во кои ќе бидат прикажани убавините на земјата, соопшти Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Снимањето почнува во Скопје со претставување на старите занаети во Скопската чаршија, тврдината Кале, Даут Пашин Амам, Спомен куќата на Мајка Тереза, Милениумскиот крст на Водно и кањонот Матка. Екипата на „Channel 3 Travels“ ќе ги снима и специјалитетите од македонската кујна, а ќе ги посетат македонските традиционални ресторани и кафе барови. Во рамки на снимањето ќе бидат опфатени и Охрид, Галичица и манастирскиот комплекс „Св Наум“.
-Согласно програмските активности за 2014 година, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот започна соработка со холандската јавна радиодифузна асоцијација „BNN Network“. АППТ и економскиот промотор од Агенцијата за странски инвестиции Ведат Рушид, на интернационалниот саем за туризам во Холандија, на кој учествуваше и Македонија остварија првична средба со претставници на водечкото ТВ шоу во Холандија, „Channel 3 Travels“ , се вели во соопштението од Агенцијата за промоција и поддршка на турзимот.
ТВ екипата од Холандија снимањето го започнале на 16-ти јуни и истото ќе трае до 22-ри јуни. Холандската екипа ја сочинуваат продуцентот Ar-Co Gnocchi, презентерот Dennis Storm, режисерот Ruud Martijn Slot и камерманот Rafiek Williams.
Огранизациски и логистички снимањето на овој документарец е поддржано од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, која ги разработи сите сегменти и ги оствари сите контакти потребни за професионално и успешно реализирање на овој проект.
OhridNews
Извор: „МИА“