Охриѓани го продолжија позитивниот низ во суперлигашката конкуренција совладувајќи го составот на Металург 2 со 32-27 (17-14) во последната рунда од првата фаза во ракометниот шампионат во Македонија.

Серијата без пораз на охридските ракометари трае од првата рунда кога изгубија од Пролет во Скопје. Од тогаш „гладијаторите“ нанижаа седум победи и едно реми.

Стратегот на Охрид, Раде Стојановиќ одлучи да ги одмори Лексо Цицешвили и Денис Тот и прилика да му даде на ракометарите со помала минутажа во тековната сезона. Кога ќе се сумира се тој не погреши и ги одмори ракометарите за претстојниот дерби дуел со Пролет.

Првото полувреме изобилуваше со брза и динамична игра. Одбраните не беа на ниво а максимално од тоа капитализираше нападот. Во играта на гол повеќе подобро се снајде Охрид кој до крајот на полувремето успеа да се одлепи на три голови предност (17-14).

На стартот од второто полувреме Охрид за нијанса го крена нивото во одбрана. Нападот не погрешуваше и разликата на семафорот скокна на шест голови. Металург 2 на сите начини проба да се доближи но „гладијаторите“ иако во мешан состав не дозволија неизвесност и победија со 32-27.

Со трите бодови, Охрид останува во самиот врв на табелата и продолжува по курсот одреден пред почетокот на сезоната.

РК Охрид: Брауновиќ 4 (одбрани), Даниловски 11 (одбрани), Андоновски 3, Кривокапиќ 2, Блажески 4, Костов 5, Гошевски 1, Михаил Иваноски 2, Соколов 1, Тасески 4, Манасков 3, Мартин Ивановски 1, Ристески 2, Димитриески 1, Анастасовски 3

РК Металург 2: Михајлов 5, Фидановски, Кофиловски 5, Савковиќ 4, Николовски, Божиновски, Митиќ 1, Василевски 1, Стоилевски 3, Ристовски 2, Георгиевски, Љубевски, Стојановиќ 6, Гајиќ, Додиќ, Ефтимов

Мх.П.