Охрид за продолжениот викенд по повод велигденските и првомајските празници барем малку наликува на туристички центар. Има раздвиженост низ градот, на Кејот на Охридското Езеро, на плоштадите, а има и гости по терасите на кафеаните.
Споредбено со некои подобри времиња пред епидемијата ова е далеку послаба посетеност, но ако се земе генерално ситуацијата особено изминатите зимски месеци, секое придвижување луѓе низ градот влева оптимизам кај угостителите и хотелиерите на каков таков промет.

Ситуацијата е далеку од посакуваното, постои одреден оптимизам дека посетеноста ќе биде подобра од минатогодишната, но тоа се уште е непознаница оттаму што ситуацијата се менува секојдневно. Зависно состојбите на терен со коронавирусот така и државите носат свои рестриктивни мерки, што не дозволува планирање патувања и го стеснува просторот за закуп капацитети за туристички аранжмани. За престојниот летен период од охридскиот аеродром каде моментални има само две авиолинии, од крајот на јуни се очекуваат 13 редовни дестинации и шест сезонски чартер летови.
Туристичките експерти сметаат дека мошне е важно како ќе се спроведува процесот на имунизација на населението и како ќе се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19, за земјата да се најде на листата безбедни дестинации и така да се очекува каква-таква посетеност.
OhridNews












