Со натпреварите од последното коло во групната фаза денеска продолжува петтото издание на Меѓународниот ракометен турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид. Во фокусот е вечерната пресметка меѓу ГРК Охрид и Загреб, која директно ќе одлучува за првото место во групата А и пласманот во финалето.

Двете екипи во пресрет на меѓусебниот дуел имаат максимални четири бода од два натпревари. Охрид досега ги совлада Египет У20 со 31:27 и Војводина со 29:19, додека Загреб славеше против Војводина со 24:21 и Египет У20 со 38:28.

Дуелот Охрид – Загреб во СРЦ „Билјанини извори“ започнува во 21 часот.

Неизвесно е и во групата Б, каде Вардар 1961 и Тримо Требње исто така имаат по четири бода и вечерва во директна пресметка ќе решаваат за врвот во групата. Натпреварот започнува во 18:45 часот.

Во вчерашните натпревари Војводина ја совлада репрезентацијата на Египет У20 со 29:24, Тримо Требње беше подобар од Олимпијакос со 25:24, додека Вардар 1961 го совлада Нексе со 33:27.

Денешната програма ја отвораат Нексе и Олимпијакос од 16:30 часот, по што следуваат двете директни пресметки за првите места во групите.

Денеска на програмата:

16:30 – Нексе – Олимпијакос
18:45 – Вардар 1961 – Тримо Требње
21:00 – ГРК Охрид – Загреб

Победниците на групите ќе обезбедат место во финалето на петтото издание на „Крсте Андоновски“.

Г.М.