Часови не делат до почетокот на најочекуваниот културно – забавен спектакл и оваа зима во Охрид – „Зимска бајка“, што ќе се одржи вечерва во исполнетиот Центар за култура „Григор Прличев“. Оваа година „Бајката“ ќе не врати во 90-те години од минатиот век.

Шоуто традиционално ќе биде зачинето со креативен хумор за кој се задолжени познатите охридски актери и комичари Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски – алијас „2 Mothers brothers“ и специјалниот гостин, црногорскиот стендап комичар Андрија Дабановиќ кој важи за еден од најдобрите стендап комичари на Балканот во моментов.
Дел од средствата од продадените влезници се наменети за хуманитарни цели што организаторот традиционално ги реализира во соработка со лајонс клубовите од градот.
Настанот започнува во 20 часот, а истиот е поддржан од Општина Охрид и бројни спонзори и општествено одговорни компании и помагатели, за што организаторот упатува голема благодарност.
Наскоро OhridNews, ќе ја промовира и Годишната ревија на настани во која ќе бидат поместени најзначајните случувања од 2024 година. На специјален настан кој ќе се емитува во живо на социјалните мрежи и на нашиот портал, ќе бидат доделени признанијата на најуспешните приказни во Охрид во годината што изминува.
OhridNews











