Не е прв пат поединци, декларирани експерти, па дури и институции, да имаат кратко памтење кога се работи за заштитата на животната средина, прашање кое за жал, со години, па и децении, е на маргините на нашето општество. Таков е и случајот со Студенчишкото блато, последниот неосвоен простор на брегот на Охридското Езеро, кој благодарение на човековата и институционална негрижа од биорезерват полн со разновиден жив свет до пред само половина век, денес во најголем дел е депонија каде има илјадници тони градежен шут и најразличен цврст отпад. Таму завршија и плочките од старата охридска чаршија, уште една симболика за (не)грижата на охриѓани за својот град, но тоа е друга приказна.

По сторијата на OhridNews, за плановите за формирање заштитна зона на површина од околу 5 хектари од остатокот од некогашното Студенчишкото блато, кое според првичните проценки изнесени во експертската студија изработена во 2012 година требаше да се протега на 10-15 хектари, во охридската јавност проструија многу мислења, коментари и тези во кои поединци и институции во изнесувањето на своите ставови случајно или не, подзаборавија како по повеќе децении се актуелизира прашањето за заштита на Студенчишкото блато.

Иако пред очите на јавноста (за жал и на стручната и повиканите институции) овој простор се полнеше со отпад и се деградираа живеалишта на ендемски и автохтони видови растенија и птици, како и мрестилишта на риби, кои одамна ги нема, ова уништување на животната средина од големи размери мина тивко, речиси незабележано. Исто како и изградбата на пешачката патека до Горица, расадникот, канцелариите на Комуналец, Езерската полиција, Центарот за обука на вода, претворањето на каналот во бродоградилиште….

Пред повеќе од шест години вниманието на јавноста за неповратниот процес на уништување на Студенчишкото блато и последиците од децениската негрижа за овој простор, го сврте OhridNews со реализација на проектот за ревитализација на мал дел од блатото, кој ја доби поддршката на Министерството за животна средина и локалната самоуправа, а во кој беше вклучено и Македонското лимнолошко друштво. Во рамки на проектот беа отстранети тони цврст отпад, што придонесе за возобновување на мал дел од блатото. За прв пат тогаш јавно беа предочени поразителните факти за димензиите на уништување на блатото и неопходноста од заштита на остатокот кој се уште не е допрен од човекот.

Оттогаш се реализирани и други иницијативи и проекти, но продолжија и човековите активности со изградба на плажи, игралишта, паркиралишта… Пред две години беше изработена експертска студија врз основа на која отпочна процес за заштита на остатокот од блатото. Активностите сега се конкретизираат со одлуката на владата за заштита на остатокот од блатото, за што според анализите на локалната самоуправа неопходно е ревидирање на студијата за Студенчишко блато со цел согледување на реалните состојби на терен.

-Пред 50 години блатото функционирало како сложен систем со голем број видови животински и растителен свет. Сите сме сведоци дека во изминатите децении тоа блато е уништено и претворено во депонија со отпад. Сегашната состојба со ништо не е слична со таа за која имаме статистички и други релевантни податоци кога блатото функционирало како сложен биосистем.-вели градоначалникот Никола Бакрачески.

Тој посочи дека е некоректно да се оспорува иницијативата за заштита на блатото, особено од институции и експерти, кои според него сносат одговорност за сегашната состојба.

Не е добро една иницијатива која долго беше заглавена во бирократски лавиринти и сега кога локалната самоуправа и јас ја придвижуваме, да ја замајуваме јавноста со податоци кои не кореспондираат со реалноста, затоа што во голем дел кога се деградираше блатото и се претвораше во депонија имаше многу инстанци кои можеа да помогнат да не се случи тоа. Но заради неактивноста и пасивноста на тие институции кои беа надлежни да водат грижа за тоа блато денес имаме состојба кога наместо блато имаме депонија за градежен отпад.-рече Бакрачески.

Сепак, градоначалникот на Охрид не е сигурен дали нешто воопшто може да се спаси и во колкав обем, посочувајќи дека се ќе зависи од согледувањето на сегашната состојба и средствата потребни за реализација на зафатот.

-Ние направивме напори тој процес да го придвижиме и она што е останато од блатото, ако има останато, да го претвориме во блато онака како што треба. Но, во овој момент не можам да тврдам дали е изводливо тоа, колку средства ќе чини и дали тие можат да се обезбедат и што е мошне значајно, колку тој био систем кој би го обновиле е одржлив долгорочно. Згора на тоа, голем дел од некогашното блато е приватен имот и доколку утре пристапиме кон ревитализација ќе треба да се откупи земјиштето, а големи средства се потребни и за чистење на милионите кубици отпад кои се наоѓаат во блатото.-појасни Бакрачески.

Овие отворени дилеми, го доведуваат во прашање проектот за ревитализација на Студенчишкото блато, кое очигледно ја губи битката со човекот поради кого може да исчезне овој природен резерват кој со милениуми бил нераскинлив дел од еко системот на Охридското Езеро. А за какви цели, останува да видиме.

Г. Момироски