За првите шест месеци од годинава, „Охридска банка“, дел од групацијата „Сосиете женерал“ остварила позитивен финансиски резултат во износ од 14,2 милиони денари што е за 71,1 отсто повеќе во однос на истиот период лани.

За овој период Билансот на состојба достигнал износ од 23,4 милијарди денари, што е зголемување за 21,5 отсто во однос на декември 2010 година. Најзначајно влијание за порастот на Билансот на состојба имаат депозитните извори на средства од правните лица, каде е евидентиран пораст од 36,7 отсто во однос на состојбата на депозитите на 31.12.2010 година.

На страната на средствата, нето порастот во наведениот период е од пласираните средства во кредити на нефинансиски лица и во шестмесечен денарски депозит кај Народна банка.

Пласманите во кредити на нефинансиски лица се зголемени за 17,8 отсто и кај корпоративниот сектор и кај секторот население.
Според структурата на средствата и изворите, кредитите во нефинансискиот сектор учествуваат со 52,7 отсто од вкупните средства, додека депозитите од клиенти претставуваат 64 отсто од вкупните банкарски извори. На крајот на јуни односот на кредити/депозити е 82,4 отсто.

Нето каматниот приход во тековната наспроти претходната година е повисок за 10,5 отсто, при што реализираните приходи од камата се за 14,9 отсто повисоки од соодветниот период од претходната година, а каматните расходи се повисоки за 22,3 отсто.
Нето приходите од надоместоци во овој период се зголемени за 16,8 отсто во однос на истиот период лани. Во вкупните приходи од провизии, 70,2 отсто се приходи од правни лица, 22,8 отсто се од население и самостојни вршители на дејност и 7 отсто од финансиски институции.

Оперативните трошоци се за 7,9 отсто повисоки од истиот период во претходната година, што е резултат на зголемување на трошоците за амортизација, аутсорсинг, потрошен канцелариски материјал и др.

OhridNews
извор: Makfaks