„Охридска банка“ го продаде деловниот простор во ТЦ „Амам“ за 700.000 евра. Покрај просториите во кои се наоѓаше експозитурата на банката, продадена е и галеријата каде беше сместена вредната постановка на стари монети пронајдени при археолошки ископувања во градот. Moнетите, како што дознава OhridNews, се пренесени во специјално депо во седиштето на банката во Охрид.
На продажба е и деловниот простор на банката во поранешната стоковна куќа „ 1 Мај“. Банката за него првично побара 2 милиони евра, но немало заинтересирани. Поради тоа распишан е втор оглас на кој цената е спуштена на 1,7 милиони евра.
По купувањето на „Охридска банка“ од страна на групацијата „Сосиете Женерал“ дел од менаџерскиот тим се пресели во Скопје, а како што дознаваме наскоро во главниот град ќе се отселат уште неколку позадисни служби.
Главната филијала во Охрид ќе продолжи и натаму да работи и да ги опслужува охриѓани, уверуваат од банката.
OhridNews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com