Српскиот културно-информативен центар „Спона“ го продолжува циклусот книжевни средби и работилници „ПАРАЛЕЛИ И СИНТЕЗИ: Рецепцијата на современата македонска книжевност“, во којшто во фокусот се дела од современи македонски автори што изминативе години се објавени и во Република Србија во превод на српски јазик. За првпат, настаните од овој проект ќе се одржат надвор од Скопје, во рамките на заложбите за афирмација на културните вредности и надвор од главниот град.
Во Охрид, утре, (15 јули), со почеток во 18:30 часот, во кафе и бар „Шила“, ќе се одржи книжевна вечер со еден од најзначајните современи македонски поети, Славе Ѓорѓо Димовски. Меѓу другото, Димоски се издвојува и меѓу македонските поет со најголем број поетски книги објавени и во препев на српски јазик, со исклучително високи високи оцени и од српската книжевна критика кои го истакнуваат како еден од најзначајните поети на денешницата не само на и од Македонија, туку и во европски рамки. Средбата ќе посветена на српските изданија на поетските книги „Јазичен триптихон“ („Језички триптихон“, Београд: Архипелаг, 2016) и „Извештаи на рисот и други песни“ („Рисови изветаји и друге песме“, Панчево: Арка, 2023).
На настанот, со свои видувања ќе се вклучат и истакнатиот српски книжевник и издавач, Гојко Божовиќ, којшто во моментов е еден од најголемите афирматори на современата македнска книжевност во Србија и книжевникот и програмски директор на СПОНА – Милутин Станчиќ. Модератор на книжевната вечер ќе биде Иван Антоновски. Во рамките на средбата ќе се оствари разговор со Димоски во којшто со прашања ќе може да се вклучат и присутните, а двојазично ќе се прочита избор од поетското творештво на Славе Ѓорѓо Димоски препеано на српски јазик.
Настанот се организира со поддршка од Почесниот конзулат на Република Србија во Охрид и од почесниот конзул, Михајло Филев, којшто на книжевната вечер и ќе им се обрати на присутните.
Следниот ден, 16 јули, циклусот книжевни средби и работилници „ПАРАЛЕЛИ И СИНТЕЗИ: Рецепцијата на современата македонска книжевност“ во организација на „Спона“ ќе продолжи во Охрид со книжевна вечер со писателката Лилјана Пандева посветена на српското издание на романот „Доилката“.
OhridNews