Еминентни научни работници и академици учествуваат на  Меѓународната научна конференција посветена на Кирило-Методиевската традиција и Македонско – руските духовни врски, која се одржува во Охрид, по повод 1150 годишнината од Моравската мисија на сесловенските просветители.

Во поздравното обраќање пред учесниците, Архиепископот Охридски и Македонски Г.Г. Стефан, истакна дека делата на Светите Кирил и Методиј, имаат цивилизациски карактер.

-Таа не беше мисија наменета за една територија, еден народ или една група на луѓе. Денес ние како нивни потомци се сеќаваме, инспирираме, учиме повеќе од 1 милениум и така ќе биде уште многу по нас.- рече Г.Г. Стефан.

Според министерот за образование, Спиро Ристовски, со Моравската мисија се афирмира третата христијанска цивилизација во Европа

-Да не беше мисијата на сесловенски браќа можеби ќе зборувавме на друг јазик и ќе пишувавме со друга азбука, рече Ристовски.

Ректорот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Велимир Стојковски смета дека Македонија достојно ги одбележува делата на сесловенските браќа, кои, како што рече, се дел од нашата долга традиција.

-Нашите корени се разбира дека се малку подалеку но дел од нашата традиција се и Светите Кирил и Методиј и сметам дека и универзитетот и државата и сите институции го даваме она што се бара од нас и се очекува за да го зачуваме нивното име и нашата традиција.- рече Д-р Велимир Стојковски.

На дводневната конференција во Охрид научната фела од Македонија и Русија ќе се осврне на делата на Светите Кирил и Методиј кои создадоа силни духовни врски помеѓу двете земји. 

Г.М.