Творештвото и научниот придонес на Блаже Конески се од исклучително значење за развојот на современиот македонски јазик, литература и култура, истакнаа учесниците на 38-та Нучна конференција во Охрид, во рамки на  која се одбележува 90-годишнината од раѓањето на  Конески.


Како што беше посочено, особено значајни се истражувањата на Конески  на јазичните прашања поврзани со македонскиот писмен јазик во 19 век, кога  започнува нашето национално движење.

– Конески има анализирано безброј ракописи, ги најде сите упоришта кои што значеа многу како фактор на традиција, за кои тој со гордост говореше и и врз основа на кој подоцна и се кодифицираше нашиот литературен јазик.-изјави проф. д-р Благица Петковска, која на конференцијата се осврна на продонесот на Блаже Конески во проучувањето на македонскиот писмен јазик во 19 век.


Блаже Конески ги дава насоките на македонската современа литература, вели проф. Д-р Димитар Пандев кој го истражувал делувањето на Конески во повоената 1945 година. Тогаш тој ја издава првата  значајна антологија на македонската поезија, а како  лектор во Македонскиот народен театар  е директно заслужен за развојот на говорната форма на македонскиот јазик.

– Во текстовите што ги лекторирал и подготвил Блаже Конески за изведба во Македонскиот народен театар мошне јасно се одбележани акцентските целости, акцентирањето, она што се нарекува едноставно и дух на македонскиот народен јазик. Од овој период потекнуваат првите текстови од областа на проучувањето на македонскиот јазик и литература. Блаже Конески јасно укажува во 1945 година дека македонскиот јазик е во свое полно оформување и дека функционира како литературен јазик.-рече професорот Пандев.


Во минатото имало многу обиди да се оспори делото на Блаже Конески, но тоа едноставно е невозможно, смета академик Милан Ѓурчинoв, според кого, тој е длабоко всаден и во науката и во традицијата.

– Што од тие обиди да се минимизира делото на Блаже Конески дадоа резултат? Мојот одговор како научник, истражувач и познавач на делото на Конески, е дека резултатот е никаков. Творештвото не Конески не треба да се претвора во некоја икона, во некој мит, но тоа е толку силно и цврсто втемелено, прво во научната вистина, потоа во нашата национална традиција и вредности, што него не можат некои бранувања од времен карактер да го доведат  во прашање.-истакна академик Ѓурчинов.


На Нучната конференција учествуваат голем број слависти и истражувачи од светот, кои ги изнесоа своите видувања за творештвото на Блаже Конески, кој според нив, е темел на современата македонска култура.

-Кај Блаже Конески не знаеш кај да почнеш кај да завршиш. Тој е толку сестран како научник, поет, се. Македонската култура навистина може да биде среќна што започна со еден човек како него. – рече пензионираниот професор и истражувач, Волф Ошлис од Германија.


На Научната конференција, што завршува денеска, ќе биде одбележан и јубилејот 150 години од издавањето на зборникот на Браќата Миладиновци, а осврт ќе биде направен и на делата на Коле Чашуле, Петре Андреески и Гане Тодороски. Научните трудови на учесниците ќе бидат поместени во зборник на 400 страници, што го подготвува меѓународен тим рецензенти.

Блаже Конески кој се смета за основоположник на современиот македонски јазик е роден на 19 декември 1921 година во
Небрегово, Прилепско, а почина на 7 декември 1993 година во Скопје.

Г. Момироски