Општинското средно училиште „Св.Климент Охридски“ до туристичките агенции од регионов поднесе барање за прибирање понуди за организација на научно-рекреативната екскурзија во странство во учебната 2013/2014 година.
Традиционалната екскурзија што ќе трае пет дена, и годинава ќе се реализира со ученици од втора година кои согласно предвидената програма ќе ја посетат Прага, со попатна посета на Будимпешта и Виена.
– Барањето доставено до туристичките агенции, претходно беше разгледано од посебна комисија во која покрај претставници на гимназијата членуваат и претставници на советот на родители, информира вд директорот на гимназијата, Никола Тренески.
Согласно барањето, сместувањето на учениците треба да биде во хотел со минимум три свезди, а превозот до спомнатите дестинации да биде со најмалку седум, туристички автобуси од иста класа и ист автопревозник и не постари од десет години.Автобусите треба да се климатизирани и да имаат аудио и видео опрема.
Како што потенцира директорот Тренески, најповолната понуда ќе биде избрана според низа критериуми меѓу кои најважни се издвојуваат: цената на аранжманот, квалитетот на програмата за организација и водство на екскурзијата, превозот, сместувањето и други поволности што ќе ги понудат туристичките агенции.
OhridNews