Охридската гимназија „Св. Климент Охридски“ е меѓу петте прворангирани на листата од 95 јавни средни училишта според постигнатиот успех на државната матура 2012, со просечна оценка 3.88 на тестовите по екстерните предмети.

Освен охридската гимназија, меѓу првите пет се и скопската гимназија „Раде Јовчески- Корчагин“ како прворангирана, „Јосип Броз Тито“ од Битола (4.06), „Орце Николов“ од Скопје (4.03), „Мирче Ацев“ од Прилеп (3.89).

– Најдобрите гимназии имаат подобар просечен резултат од минатата година, што покажува дека тие работат на подобрување на својот квалитет. Затоа јавно би сакал да им укажам благодарност на наставниците што им помогнаа на своите ученици успешно да ја положат државната матура, рече министерот за образование и наука Панче Кралев на прес-конференција на која ги соопшти резултатите од државната матура.

На испитите на 9-ти и на 12 јуни биле оценети 36.719 тестови по сите екстерни предмети на државната матура. Биле доставени 419 приговори, а прифатени 119 или 0,3 отсто од вкупниот број оценети тестови.

Матурантите кои не ја положиле матуратата или дел од неа, може да се пријават во августовскиот рок, на 14 август за мајчин јазик и литература (македонски, албански или турски) и на 16 август (математика или странски јазик, т.е. естетика или филозофија за уметничките училишта). Положена државна матура е услов за упис на факултет.

Од идната година државната матура ќе се полага порано, зашто запишувањето на факултет се поместува во јуни наместо во август.

OhridNews