Деновиве завршуваат уписите на децата кои од 1 септември ќе бидат згрижени во петте објекти при ЈОУДГ „Јасна Ристеска“.

Како што информираат од градинката , новозапишани се 130 кои веќе ја поминале постапката која се спровела од страна на формирана комисија во која членуваат вработени од градинката, при што се водело особено грижа околу  бројот на новозапишани деца со цел да не се  надмине со закон дозволениот број .

И оваа година интересот за запишување на дечиња беше поголем од можноста за згрижување и капацитетот на градинката. На листата на чекање се уште 54 деца за кои засега нема можност да бидат згрижени. Мало растеретување ќе се постигне со отворањето на паралелките во селата Велгошти и Лескоец, па децата од овие села кои беа згрижени во објектите во Охрид сега ќе ги посетуваат градинките во местатата во кои живеат. Со тоа се отворија нови 46 слободни места , кои се пополнаа со деца кои живеат во Охрид, вели ВД директорката на градинката Розе Костоска.

Се очекува градинката во Велгошти да започне со работа најдоцна до  15 септември, а во Лескоец  до 1 октомври.

Новина оваа година е отворањето на јаслената група во објектот „Развигорче“. Покрај оваа група, во рамки на сите објекти годинава ќе функционираат уште 7 јаслени групи  и 33 групи во кои ќе бидат згрижени повозрасните охриѓанчиња.

Костоска повторно ја потенцира потребата од зголемување на кадарот во градинката со цел соодветно да се одговори на потребите за згрижување. Засега добиена е дозвола за вработување на две лица на определено работно време- една воспитувачка и една негувателка.

Во соработка со локалната самоуправа се прават напори за вработување на уште 16 лица.Барањето до надлежните министерства е испратено уште во месец јуни, се надевам дека наскоро ќе го добиеме потребното одобрение, додава Костоска.

Во моментов во објектите при ЈОУДГ „ Јасна Ристеска“ се згрижени вкупно 784 деца.   

Т.Кувенџиска