Во куќата на Уранија, во Охрид, денеска со работа започна „Охридската летна школа на природното право“ на МАНУ. Годинава тема на школата е владеењето на правото и доброто управување, односно итните реформски приоритети во правниот систем кои според научната јавност се клучни за перспективата и развојот на земјата.

Според претседателот на МАНУ Таки Фити, владеењето на правото е најголемиот проблем на земјата и основна причина за длабоката општествена криза. Дел од проблемите како што се партизираните институции, корупцијата и судскиот систем, се присутни уште од периодот на транзицијата. Нивното решавање е долготраен процес кој единствено може да го забрза меѓународниот фактор, смета академик Фити, посочувајќи дека проблемот не е во законите, туку во нивната примена.

  • Сега ние ќе бидеме под пресија на ЕУ. Секогаш, за жал, Република Македонија и другите земји слични на неа, работат многу подобро кога има притисок, кога има мониторинг , кога функционерите од Европската унија ќе го следат тоа и тоа ќе биде услов за понатамошно напредување. Треба да се отвора поглавје по поглавје и се разбира се дотогаш додека не се направат и спроведат реформите не може да се оди на друго поглавје.  – изјави академик Таки Фити.

Рефлекторите на ЕУ во наредната период во најголем дел ќе бидат насочени кон Министерството за правда, вели министерката Рената Дескоска. Нејзиното министертво има една година да ги спроведе реформите неопходни за отпочнување на процесот на преговори за членство во ЕУ, кои се условени со целосно спроведување на договорот за решавање на спорот за името. Таа е оптимист дека рокот ќе биде испочитуван, посочувајќи дека се формирани работни групи по области кои веќе работат на неопходните реформи.

  • Јас сум оптимист и мислам дека ќе стигнеме да ги подготвиме во рамките на Министерството за правда. Се надевам дека после тоа ќе добиеме консензус од сите политички партии, имајќи предвид дека добар дел од законите во Собранието се носат со двотретинскo мнозинство. – истакна министерката Дескоска.

На втората „Охридска летна школа“ на МАНУ учествуваат еминентни предавачи и експерти, студенти и докторанти од областа на правото.

Г.М.