Охридската медиумска заедница на комеморација што се одржа утрово во големата сала на општината, се прости од колегата Борис Ѓорѓиоски, кој почина на 21 јули на 76 годишна возраст.
Борис ќе го паметиме по неговиот ведар дух и доброто новинарство кое го практикуваше. Новинарот со уметничка душа и страстен риболовец сега нека го најде својот мир на небото, рече на комеморацијата новинарот Симон Илиевски.
Илиевски се осврна на времето минато со колегата Ѓорѓиоски кој секогаш беше расположен за добра шега и дружење.
Во име на медиумската заедница од Борис Ѓорѓиоски се прости претседателот на Здружението на новинари за Охрид и Струга Горан Момироски.
Борис беше исклучителен новинар, точен, прецизен, објективен и одговорен во информирањето. Ги почитуваше новинарските стандарди и етичките норми во известувањето и беше пример не само за помладите колеги кои во работата со него стекнаа драгоцено искуство, туку за сите кои професионало се занимаваат со новинарство. – рече Момироски.

Не ни преостанува ништо освен на лагите и конспирациите да одговориме со вистина, професионално, одговорно и етичко известување и да се трудиме да го чуваме чист нашиот новинарски двор, а пред се образот, онака како што тоа го правеше нашиот Борис. – истакна Момироски.
Охридската медиумска заедница се прости од колегата Борис Ѓорѓиоски
OhridNews




















