Откако деновиве од Јавното претпријатие „Македонски шуми“ најавија дека со претстојната акција за пошумување „Ден на дрвото – засадија ја својата иднина“ се предвидува засадување на 100 палми во Охрид, се огласи охридската научна фела и самите граѓани.
Голем дел охриѓани реагираат дека во градот под Самоиловата тврдина потребни се растенија кои со векови наназад виреат на ова поднебје, додека научните работници сметаат дека недозволиво е во Охрид да се засадат алохтони видови дрва, кои претставуваат потенцијални преносители на болести од животинскиот и растителниот свет.
„Впрочем во Охрид пред некоја година беа засадени палмите, а објаснувањето беше дека виреат на ова поднебје. Меѓутоа според биолошките законитости, многу е опасно да се врши интродукција на неавтохтони растителни или животонски видови. Во тој контекст, палмата е декоративно растение. Со нејзино засадување, претставува своевидна закана, конкретно во овој случај од растителен аспект, бидејќи со пренесување на алохтоните видови се пренесуваат потенцијални одредени болести од животински или раситетелен аспект.“ – вели проф. д-р Здравко Крстаноски, долгогодишен научник во Хидробиолошкиот завод во Охрид.
Тој потенцира дека палмата како растение вирее на територијата на денешна Хрватска во областа Опатија, но несвојствено е Охрид и Дојран „вештачки“ да постанат градови на палмите.
„Ништо не гледам убаво да се китиме со нешто што не е наше. Не може Охрид или Дојран да ги направиме градови на палмите. Мое лично мислење е дека на градот му фали зеленило, но во никој случај палми. Тоа е кич. Ние треба да се залагаме за засадување на оние растенија од тревест, дрвенест или џбунест вид, на оние простори во градот кои се незасадени.“ – додава д-р Крстаноски.
Д-р Крстаноски истакнува дрвата имаат огромно значење за целокупниот жив свет на планетата Земја. Според него, истите претставуваат бели дробови на атмосферата, односно прочистители на воздухот.
„Оние кои се со автохтоно потекло или пренесени во многу стари дамнешни времиња како брезите, претставуваат бели дробови, создавајќи чиста атмосфера и кислород. Од аспект на разладување на самата околина, тие имаат огромно значење преку процесот на транспирација. Посебно во овој период од годината во овие жешки денови кога температурата се искачува до 40-тиот степен целзиусов. Дрвата имаат и ерозивна заштита од девастација на почвата, посебно во речните акватични еко-системи, каде за време на дождови, огромни количини наноси се сливаат од околните терени.“ – истакнува д-р Крстаноски.
Жителите од старото охридско јадро посочуваат дека до 40-тите години на минатиот век, покрај езерото опстојувале голем број врби, дрва кои растат покрај крајрежието на повеќето акватични еко-системи.
„Врбите се прочистители на водата од загадување. Некогаш, водата на Сараиште беше чиста. Жените со џумој полнеа вода кај мостот и носеа во горните делови на Варош. Врбите, место бетон и железо, го чуваа крајбрежјето од југот. Тие беа типични и карактеристични за Охрид. Го красеа старото охридско крајбрежје. Ред е меродавните, да преземат конкретни мерки и со доброволна акција да засадат врби покрај езерото.“ – велат жители од старото охридско јадро.
О.Т.