По пријателското разделување на ВМРО НП со коалициските партнери од Сојузот за иднината, на охридската политичка сцена имаме нова слика. Коалицијата беше исклучително силна во Охрид, каде ВМРО НП има најмногу приврзаници. Партијата отсега натаму според најавите ќе дејствува самостојно во советот на општината каде има двајца советници.
Довчерашните коалициски партнери со свое видување за заминувањето на ВМРО НП. Најголемата опозциска партија СДСМ, очекува дека и во иднина соработката со ВМРО НП ќе биде коректна како и до сега.
-СДСМ и ВМРО-Народна партија донесоа одлука на евентуалните следни предвремени парламентарни избори да настапат самостојно. Со оглед на фактот што станува збор за две партии со различни програмски платформи, што се обраќаат на граѓани со различна идеолошка определба, секоја од нив со поединечен настап ќе ја добие вистинската доверба од сопственото гласачко тело. На локално ниво, досегашната коректна и принципиелна меѓусебна соработка ќе продолжи и понатаму, во рамките на самостојно опозициско делување. Заедничката цел на сите партии од опозицијата и понатаму останува истата – победа на следните избори и рушење на власта на ВМРО-ДПМНЕ. Кон таа цел заеднички ќе се стремат СДСМ и ВМРО-Народна партија и на локално ниво.-изјави претседателот на ОО СДСМ Томислав Тунтев.
Охридските либералдемократи очекуваат ВМРО НП да остане на зацртаниот курс и да делува како силна опозција во советот.
-На локално ниво советниците на ВМРО НП се едни од најцврстите опозиционери во советот и убеден сум дека така ќе продолжат да делуваат и натаму. Секогаш ВМРО Народна партија сум ја доживувал како партија на вистински вмровци.-истакна претседателот на ОО ЛДП Дејан Блажески.
НСДП очекува принципиелно однесување на ВМРО НП во работата на советот.
-Со оглед на анализите од последните локални и парламентарни избори, кои покажаа дека спојувањето на партии со различни програмски платформи и идеологија, не го дадоа очекуваниот изборен резултат, очекувано беше ВМРО-НП и останатите десно ориентирани партии да излезат од Сојузот за иднината. Се надеваме дека како и досега така и отсега принципиелната соработка со членовите на совет од ВМРО – НП ќе продолжи. Ние како опозиција имаме една заедничка цел, а тоа е победа на следните парламентарни избори.-изјави Верица Хајба претседател на охридскиот огранок на НСДП.
Своите ставови и насоки на идно делување ВМРО НП се очекува да ги соопшти денеска на прес конференција.
OhridNews