Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска на ДООЕЛ Пастрмка- Охрид му го додели договорот за давање под концесија на Охридското езеро за организирање стопански риболов.

Договори беа доделени и за давање под концесија на Дојранското Езеро и акумулацијата „Шпилје“, како и договори за концесионирање на седум риболовни ревири и 18 риболовни зони за организирање рекреативен риболов.


Концесиите се за период од шест години, а начините и условите за користење се утврдени во риболовните услови. Во риболовните основи воедно е одредена и висината на финансисксите средства кои концесионерот ги уплаќа во Буџетот на Република Македонија како надомест за концесијата.

Надоместот за концесијата за рекреативен риболов изнесува 10 отсто од вредноста на продадените дозволи, а за стопанскиот е 10 проценти од продажната цена по видови риби.

Приоритет на концесионерите ќе биде заштита од рибокрадење. Најавуваат дека уште идниот месец, ќе почне физичката заштита на рибниот фонд во езерата, а охридската пастрмка повторно ќе се врати во малопродажбата и во угостителските објекти.

– До денеска, согласно Законот за рибарство и аквакултура целосно се спроведени две постапки за давање на рибите под концесија. Во првата постапка Владата додели на концесија риби од 21 риболовен ревир и четири рекреативни зони за рекреативен риболов. По нејзиното завршување, објавен беше нов конкурс за ревирите за кои немаше доставено понуди и за оние води, вкупно 21 риболовен ревир, за кои немаше избор на најповолен понудувач поради некомплетност на понудите во првата постапка, рече министерот Димовски пред доделувањето на договорите.

Покрај финансиските ефекти, додаде министерот, главните придобивки од давањето на рибите под концесија е и обезбедувањето нови работни места со вработување рибари чиј број е одреден во риболовната основи, заштита на рибите преку вработување или ангажирање лиценцирани рибочувари, спречување на рибокрадството, контролиран и евидентиран улов, зачувување и заштита на автохтоните и загрозените  видови риби.

Согласно договорите, основни обврски на концесионерите се одржливо користење на рибите и вршење улов согласно утврдените количини,  физичка заштита на рибите преку организирана рибочуварска служба, еколошка и здравствена заштита согласно законските одредби од областа на животната средина и  ветеринарството, како и водење и доставување евиденција за уловот и за сите преземени активности во врска со концесијата.

– Основната цел на договорите е овозможување трајно користење на рибите преку одржлив развој и евентуално зголемување на фондот на атрактивните и економско исплатливи видови риби, напомена министерот.

OhridNews