Никаде во Охрид за време на одржувањето на сениорското Европско првенство во ракомет за жени, ниту во салата „Билјанини извори“, луѓето задолжени за развој на туризмот на локално и државно ниво не поставија свој штанд со рекламен материјал за туристичките потенцијали, богатото културно наследство или пак за природните убавини на заштитениот град од УНЕСКО. Да биде иронијата поголема, канцеларијата на организацијата што е задолжена да го поправи туристичкиот имиџ на Охрид се наоѓа на пет метри од влезот на салата. Згора на тоа охриѓанец е на чело на новоформираната Агенција за развој на туризмот, но и таа не покажа посебен интерес за промоција на земјата на спортскиот настан.
Охридската група од ракометен аспект беше поквалитетна од скопската и на теренот продефилираа најдобритре европски ракометарки. Притоа се исполни и желбата на градоначалникот Петрески , токму Норвешка да игра во Охрид со што градот би добил одлична реклама во скандинавските земји.
Но од оние 200 странски навивачи што дојдоа во Охрид (а се очекуваа 5.000) претежно од Данска и од Норвешка речиси никој не доби материјали, брошури или летоци со понуди, за да го „измамат“ навивачот повторно да дојде во нашиот град на лето. Ретко кој од странците дозна за Музејот на вода, Плаошник, Свети Наум, Канео, Самуиловата тврдина. Не им ја продадовме охридската приказна.
Како стојат работите ќе мора и годинава да се потпреме на домашните туристи. Па тие си се наши нели.
Прашање : Дали Охрид го искористи ЕП за промоција пред земјите учеснички на ракометниот турнир?
Вашите коментари испратете ги на: [email protected]