Охридската судска администрација и вработените во администрацијата во останатите судови во земјава, денес, го започнаа тродневниот штрајк. Бараат измени на Законот за судска служба, зголемување на платите на судските службеници, да им се исплатат ветените пет проценти и да се врати работното време од 7:30 до 15.30 часот.

Во неколку наврати правени се анализи кои покажале дека многу поголем ефект има при работењето од 7.30 до 15.30, од колку од 08.30 до 16.30. Тоа го покажуваат и рочиштата кои се закажани, ако се погледнат распоредите ќе се види дека сите рочишта завршуваат најдоцна 15 часот и ако дојдете во судот после 15 часот ќе видите дека скоро и да нема странки, најголемиот дел од работата најчесто е завршен до 15 часот, затоа меѓудругите е и ова барање, вели Борче Мирчески, претседател на Здружението на судска администрација на РМ.

Организаторите на штрајкот задоволни од одзивот на вработените во судската администрација.

Излезноста е според очекувањата. За време на предупредувачкиот штрајк што се одржа во декември минатата година, според нашите очекувања одзивот требаше да биде околу 70%, но беше 90%. Сега очекувавме излезност од 90% и така е во сите судови. На почетокот на денот, имавме проблеми во три судови, но сега тие се некаде целосно, некаде делумно одминати, така да можам да кажам дека сме задоволни. Во охридскиот суд нема никакви проблеми. Штрајкот се одвива онака како што е предвидено со програмата за штрајк. Проблеми немаме ниту од претседателот, ниту од судиите, напротив имаме и соработка од истите,  координација и поддршка од нивна страна. Ние како штрајкувачки одбор се погриживме оние работи кои се итни, да бидат процесуирани и без проблем да се извршуваат, така да задоволени се сите барања и според законот за штрајк и според организациониот одбор на штрајкот, вели Мирчески.

Додека трае штрајкот се процесуираат предмети кои се поврзани со притвори, со странски елемент, времените мерки и обезбедувањето на докази.

За петок најавен е протест што ќе се одржи во Скопје и ќе започне во 12 часот од Собранието на Република Македонија, ќе продолжи пред Министерството за правда и Министерството за информатичко општество и администрација и ќе заврши пред Владата на Република Македонија.

Штрајкот го организираат Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација, по прогласувањето на преговорите со Министерството за правда околу измените на Законот за судска служба, за неуспешни. Преговорите следеа по предупредувачкиот штрајк што се одржа на 3 декември минатата година.

Т.К.