Во Австралија живеат околу 100.000 Македонци, меѓу нив голем дел потекнуваат од Охридскиот крај. Еден од нив е Дончо Каневче – секретар на Социјалното друштво Св. Наум Охридски од Мелбурн, организација која е меѓу најактивните помеѓу иселениците на петтиот континент. Дончо кој во Австралија е од 1991 година ова лето со семејството одмараше во родниот Охрид за кој се уште го врзуваат силни спомени, а желбата еден ден да му се врати никогаш не го напуштила. Носталгијата тој и другите наши иселеници ја намалуваат преку заеднички дружења и хуманитарни активности преку кои им помагаат на Охрид и Македонија. Со него поразговаравме за време на престојот во Охрид.

ON: Какво е чувството да се биде во родниот крај, има ли разлика од последното видување?

Дончо Каневче: Последен пат бев во Охрид во 2008 година. Тука сум со сопругата и мојот син. Она што можам да забележам дека Охрид се има доста изградено, бизнисот се развива, се движи во позитивна насока.

ON: Вие сте секретар на Социјалното друштво „Св. Наум Охридски“ кое организира дружења и хуманитарни активности, како што е балот по повод патронот на друштвото. Од кога постои друштвото?

Дончо Каневче: Нашето социјално друштво е формирано во 1983 година со цел преку заедничко дружење на иселениците  од Охрид и охридско да се зачуваат нашите традиции и истите да се пренесат на помладата генерација. Секоја година ние го прославуваме празникот Св. Наум Охридски и организираме свечен бал на кој се дружиме со иселениците од  охридско, но и од други краишта. Годинава на балот имаше над 400 гости и помина одлично, што ни дава поттик во иднина да работиме уште повеќе да ја негуваме оваа традиција.

ON: Вашите дружења имаат и хуманитарна цел?

Дончо Каневче: Друштвото има учествувано во повеќе хуманитарни активности организирани од македонската заедница во Австралија и се одзвива на апелите за помош. Нашата организација во минатото има  испратено помош за лекување на девојче од Охрид, помош за домот за стари лица и во охридската градска болница во два наврати. Поголема донација испративме во 2004 година која се состоеше од 50 инвалидски колички, 22 троножни бастуни, 30 дубаци, 30 сталаци за инфузија, два болнички кревети, 30 стетоскопи, 30 мерачи за крвен притисок, 10 пара штаки, 50 чаршафи и друго. Колку што можеме со средства од членовите, од хуманитарните активности и донатори се трудиме да помогнеме што е можно повеќе. Голем придонес кон тоа имаат сите членови, а пред се раководството на друштвото, претседателот Васко Ангелоски кој неуморно работи на промовирање на Охрид и Македонија и поранешниот претседател Крсте Наумоски, сега благајник на друштвото.


Дончо Каневче

ON: Какви ви се контактите со татковината, со родниот град?

Дончо Каневче: Контакти имаме со здравствените установи од Охрид, пред се со градската болница, а добра соработка имаме и со Локалната самоуправа, градоначалникот Александар Петрески и Советот на општината. Оттаму добивме промотивен материјал за Охрид кој го поделивме на учесниците на балот по повод Св. Наум Охридски. Сакаме да ги негуваме и да ги прошириме нашите врски со родниот крај колку што ќе има можност за тоа се разбира.

ON:Македонци на петтиот континент има околу 100.000, колку ги има од охридскиот крај?

Дончо Каневче: Нема точен податок колку не има од Охрид и Охридско, но не има многу, не само во Мелбурн, туку и во Канбера, Перт, Сиднеј. Со оглед на посетеноста на нашите хуманитарни активности можам да кажам дека не има многу.Тоа е одлична можност да се дружиме, да поразговараме, но и да евоцираме спомени за нашиот прекрасен Охрид кој на сите ни недостига. Затоа една од нашите цели е и во иднина да организираме заеднички средби со цел да се зајакнат меѓусебните врски на иселениците.


Од балот по повод прославата на празникот Св. Наум Охридски

ON:Како се информирате за случувањата во Македонија и во Охрид?

Дончо Каневче: Ние сме многу добро информирани за случувањата тука преку медиумите, пред се од OhridNews кој редовно го следиме на Интернет. Во секое време можеме да дојдеме до информации за Охрид и активностите кои се случуваат тука. Денес е лесно да бидеш информиран за збиднувањата во Македонија.

ON: Имате ли се уште силно чувство на носталгија, постои кај вас желба за враќање во родниот крај можеби еден ден?

Дончо Каневче: Чувството на носталгија и желбата еден ден да се вратиме на нашите родни огништа не не’ напушта, тоа е вродено и живее во нас секој ден кој го поминуваме надвор од Македонија. Се надевам дека еден ден ќе се создадат услови и ќе можам да се вратам во мојот Охрид. Тоа чувство го имаат и помладите, кои се почесто доаѓаат да го посетат родниот крај. Ако не може целото семејство, тогаш родителите ги праќаат своите  идеца да ги посетат роднините тука и верувајте ми тие се воодушевени од престојот во Македонија, од начинот на живот и другарувањата. Пример е мојот син кој вели дека в година повторно сака да дојде тука, во што ќе го охрабрам бидејќи тоа го сметам како една мала лична победа дека не сме ги заборавиле корените и местото од каде што потекнуваме.


Мелбурн

ON:Македонската заедница е една од поголемите во Австралија, Каков е одностот на државата кон неа?

Дончо Каневче: Македонците се лојални граѓани на Австралија, која не има примено со раширени раце. Не чувствуваме дека сме нешто помалку или повеќе отколку другите заедници кои живеат во австралиското мултикултурно општество составено од нации од сите страни на светот. Македонската заедница живее убаво и ги ужива максимално сите права и не се чувствуваме дека сме дојденци, туку како да сме родени таму. Едноставно таква е државата сите се чувствуваат рамноправно, како да се дома. Шанса за личен успех има секој.

Горан Момироски