Поголема група на интелектуалци од Охрид , кои во присуство на претседателот на Владата Никола Груевски, вчера му изразија поддршка на кандидатот за градоначалник Кирил Трендафилов-Нанче, потпишаа Меморандум за, како што се наведува,  нов почеток во работата на Општина Охрид.


– Тоа ќе значи почитување на традицијата и богатото наследство кое што ни е оставено од генерациите кои биле пред нас, но и побрз економски и социјален развој, отворање на нови работни места, унапредувањето на културата и образованието и прераснување на Охрид едно од најатрактивните туристички места во регионот, велат потписниците на Меморандумот.


 
Меѓу тиекои го потпишаа меморандумот за поддршка на Трендафилов беа и Мирјана Секулоска, Цветко Андреески, Иван Заров, Мирјата Крлеска, Митко Тилевски, Никола Бакрачески, Гордана Коњановска, Сашо Василевски, Харалампие Шокаровски, Љубен Арнаудов, Јованка Точко, Томислав Петроски, Митко Савев, Љубен Арнаудов, Паско Кузман, Никола Точко, Тања Паскали Бунташевска, Георги Хаџиев, Драган Гоџо, Венко Калачоски, Звонко Трпески, Славе Ѓорго Димоски, Ангел Јанев, Дејан Пановски, Јордан Шикоски, Коста Димитров, Иван Огненов, Кочо Ајноски и многу други.

Во Меморандумот стои:

„Во духот на традицијата на Св. Климент и Св. Наум, со големите дела и слава која што ни ја остави Цар Самоил, во духот на сите оние кои што ја граделе Охридската архиепископија, напоени со мудроста и оставштината на преродбениците Григор Прличев, Кузман Шапкарев и многу други, водени од храброста на илинденците и борците во народно-ослободителната војна, свртени кон иднината на Охрид, кон побрзиот економски и социјален развој, кон унапредувањето на културата и образованието, ние долупотпишаните сметаме дека на Охрид му треба нов дух, нова енергија и нов човек.

Со сето она што сме го создале во животот, со сето наше творештво и придонес во изградбата на Охрид сметаме дека на Охрид му треба чесен човек, човек кој што држи до своите морални и етички вредности, кој што има јасен концепт за Охрид и кој што пред сé го сака Охрид.

На Охриѓани, без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Египјани, Срби, Роми или Власи им треба Кирил Трендафилов-Нанче за градоначалник, чесен, вреден и посветен Охриѓанец, кој што се докажал во својата професија и кој што Охрид ќе го направи едно од најатрактивните туристички места во регионот, ќе доприенесе во развој на економијата и отворање на нови работни места, ќе го направи пристојно место за живеење на сите нас“.

Ohridnews