По сечењето на липите од улица „Партизанска“ по што следуваа бројни реакции од граѓаните, од јавното претпријатие „Охридски комуналец“ со објаснување дека замената на постоечкиот дрворед се покажала како неопходна.
– Главниот аргумент се пресечените стебла кои во изминативе два дена беа отстранети на потегот од поштата до полигонот. Стеблата се многу стари, во целост иструлени и заболени, па при посилни ветрови и обилни врнежи од дожд и снег може да дојде до кршење на гранките, а последиците би биле непроценливи, велат од јавното претпријатие.
Додаваат дека деградираните стебла од липи биле во фаза на одмината старост и век на живеење и претставувале опасност за пешаците, сообраќајот и околните објекти.
– Со своите длабоки и широки корења го деформираат тротоарот, асфалтот и подземната инфраструктура, велат од „Охридски комуналец“.
Оттаму, додаваат дека не вршат уништување на зеленилото во градот, туку само замена на постоечкиот стар дрворед во интерес на граѓаните. Исечените липи се заменуваат со лигуструми кои се отпорни на временски промени, аерозагадувања и заболувања и немаат длабок корен.
OhridNews