Климент Охридски – В.В. Тиквеш 23-40 (11-21)

Во последниот натпревар во Супер лигата охриѓани на домашен терен беа поразени од „винарите“ и без освоен бод во вториот дел од првенството го напуштаат суперлигашкото  друштво. И покрај сите проблеми кои го опкружуваа клубот во сезоната, сепак момците собраа сили и ја спасија честа на градот, не оставајќи клубот да згасне.

Натпреварот започна нервозно, а судиите со серија исклучувања ја „спуштија“ топката. Изедначено се играше до 20 мин. кога Тиквеш притисна и со серија 9-1 ја направи решавачката предност. Во вториот полчас  многу порелаксирано се играше, а гостите ја искористија подолгата клупа и во бранови ја зголемуваа својата предност која на крајот изнесуваше +17 .

Голем камен од плеќи им се симна на охриѓани за кои со крајот на првенството завршија и измачувањата. Расплетот на случувањата беше очекуван и одамна познат. Што и како понатаму останува да видиме деновиве кога на заедничка маса ќе седнат локалната самоуправа и  претставниците на клубот.

______________________

Минималец на Илинденци

Илинден – В. Декамел 1-0 (0-0)

На последниот натпревар пред своја публика во второлигашкото друштво Илинденци го овладаа Декамел со што и теоретски Неготинчни заедно со нив се пакуваат и по една сезона го напуштаат вторлигашкото друштво. Самиот податок што гостите во Велмеј допатуваа со 13 играчи доволно говори за нивните амбиции на овај натпревар.

Домаќините доминираа во текот на првото полувреме, но гостите беа тие кои го погодија дирекот на Абди. Отворената игра продолжи и во второто полувреме кога гостите целосно се отворија и се понадеваа на погодок. Отворената игра остави многу простор за контри, а токму по една таква комбинација на Велески и И. Ѓоршески, Маркоски изби сам пред голманот Костунаров и рутинирано го совлада за минималец на Илиндеци. 

___________________

Победа на премиерата

На пријателскиот меѓународен серва-тромеч во Охрид, македонската серва репрезентација во првиот свој меѓународен настап ја забележа првата победа. Во конкуренција на Хрватска и Унгарија, победата во премиерниот настап ја изборивме против Хрвтаска во тројки со 2-0. На тромечот Хрватите настапија со 6 рангираниот играч на светскта листа Марко Сенти, додека Унгарците ги предовдеше нивниот најдобар играч Арпад Шипош.

Во конкуренција на двојки бевме поразени со 1-2 од Хрватска и 2-0 од Унгарија. По една победа во меѓусебните дуели имаа Хрватите и Унгарците. Во тројки победија Унгарците 2-0,а во двојки Хрватите 2-0.

Тромечот со натпревари продолжува недела во Скопје.

Мирко Постоловски