Вчеравечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ по 37-ми пат се одржа културната манифестација „Охридски староградски средби“.

Во рамки на програмата настапија градски мешан хор „Вокс Лихнидос“ – Охрид, Вокален Октет – Прилеп, КУД Нико Пуцоски „Распеани Кичевчани” – Кичево, Ансамбл „Вања Лазарова“ – Скопје, ВИА „Распеани Стружани”- Струга, ЗГ „Градски Хор Штип” – Штип и КУД Далги при ЗП Охрид и Дебрца.

„Охридските строградски средби“ се можеби најпрепознатливиот и највпечатливиот културен белег на нашиот народ, кој низ песната ги изразувал своите радости, тага, мечти и тешкотии, рече во обраќањето пред присутните заменик градоначалничката на Општина Охрид, Ана Крстеска.

Преку нив патуваме низ времето кога младите охриѓаники и возрасни госпоѓи уживале во серенадите кои под прозорец ги пееле познати музиканти поддржани од нивните сакани. За миг застануваме пред портите на куќата од Робевци и Уранија, шетаме по тесните сокачиња на Варош и не остануваме рамнодушни пред раскошот на охридските моми кои буделе восхит кај минувачите на градското корзо. Чекориме низ времето по холот во хотел „Палас„ или низ некогашните хотели на ПТТ и „Парк“…. „Охридските староградски средби“ се можеби најзначајната алка во културниот ѓердан на градов зошто преку нив се изразува нашиот талент и уметничко битисување препознатливо и за другите култури и народи, рече Крстеска.

120-те учесници од 7 културно уметнички друштва од Охрид, Прилеп, Кичево, Скопје, Струга, Штип и Дебрца со својот настап го потврдија непресушниот талент на македонскиот народ низ различни културни форми да се самопотврдува и да биде препознатлив на светската културна мапа.

Програмски квалитет што значи вредносно продолжување на традициите што датираат од пред неколку века. Придонес во незаборавот на старите, автетнични песни, навраќање во богатата градска ризница на традициите од минатите векови, велат организаторите.

Инаку, „Охридските староградски средби“ се одржуваат во организација на ЦК „Григор Прличев“, со поддршка на Општина Охрид и Министерството за култура.

Н.С.Ј.