Изминатиот викенд во Скопје по 54 пат беше одржана традиционалната боксерска манифестација „Златен гонг“. На овој престижен меѓународен боксерски турнир учество зедоа натпреварувачите од неколку боксерски земји меѓу кои беа Англија, Молдавија, Австрија, Бугарија, Турција, Хрватска и други.

Боксерскиот клуб „Алексо Огненовски” учество зеде преку својот претставник во 70 килограми Наум Стојаноски како дел од Македонската репрезентација.

Во финалната пресметка Наум ги вкрсти ракавиците со шампионот на Англија, Рио Гордон од кој беше поразен во една тесна лавовска борба. На крајот мораше да се помири со сребрениот медал и пехарот за најборбен боксер кој им беше доделен на обајцата боксери. Инаку освојувач на овогодинешниот Златен гонг беше македонскиот боксер Ален Рустемовски од Битола, додека признанието за најдобар домашен боксер го доби неговиот брат Адријан Рустемовски.

Следниот предизвик за Стојаноски е меморијалниот турнир „Великани лозничког бокса“ кој ќе се одржи следниот викенд во Лозница, Србија.

OhridNews