По повод светскиот ден на театарот 27-ми март,  актерите од Народниот театар од Охрид, Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски, настапија пред македонската публика во Франкфурт, Германија, со добро познатото кабаре „2Mothers Brothers“. Иницијатор е нашинецот Петар Панов, а организатор клубот на Македонците во Франкфурт.

-По трет пат имав можност да настапувам пред македонската публика во Франкфурт, овој пат заедно со Стрезо и можам слободно да кажам дека атмосферата беше фантастична. Во моментов планираме и други настапи вон границите на државава така што повеќе луѓе ќе имаат прилика да го видат ова што го работиме. Голема благодарност до Петар Панов кој ја презеде иницијативата за овој настан. – изјави актерот Никола Тодороски.

Актерот Стрезо Стаматовски е пријатно изненаден од приемот на публиката во Германија.

– Позитвно сум изненаден и далеку над очекувањата! Имавме прекрасна и податлива публика која што нѐ „испровоцира“ да го обоиме и прошириме веќе постоечкиот материјал со бројни импровизации. За организацијата и целокупниот третман кој што го имавме во Франкфурт имам само позитивни зборови. Огромна благодарност за безрезервната помош на Стефан Виегелиус (ДЈ Виги) без кого овој настан ниту можеше да се слуша, ниту да се гледа. – истакна Стаматовски.

И организаторите на настанот одушевени од шоуто на охридскјите актери.

– Ваквите културни настани се од огромна важност за нас бидејќи, покрај дружбата, се разменуваат искуства, познанства и контакти со македонците од сите краишта на Германија и што е најважно уживаме во културата и уметноста од нашата родна земја интерпретирана од врвни професионалци. Особено ме радува фактот што во публиката имаше македонци и од поодалечените градови од Германија кои специјално допатуваа за настанот. Се надевам дека во иднина, заедно со Никола и Стрезо и клубот на македонците од Франкфурт, ќе успееме да организираме и уште поголеми настани. – изјави Петар Панов на чија иницијатива се реализира гостувањето на актерите Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски во Германија.

И покрај бројните ангажмани во матичната куќа, Народниот театар Охрид, Никола и Стрезо подготвуваат нов материјал којшто наскоро ќе биде премиерно прикажан пред охридската публика. Актерската двојка е во преговори за следни настапи и надвор од Македонија. Договорен е уште еден настап во Франкфурт на „2Mothers Brothers“ кон крајот на 2016 со комплетно нов материјал.

OhridNews