Несоменено дека охридскиот композитор Гоце Гаврилоски, со многубројните меѓународни успеси и признанија, во изминативе години претставува вистински музички и културен амбасадор на Охрид вон градниците на земјава. За неговиоте квалитети, сведочат наградите и првите места од шестиот Меѓународен натпревар за композитори оддржан мај 2013 во Санкт Петербург, но и светската премиерна изведба во германскиот град Хамбург, на делото „Дај Дуни“- за сопран и пијано, на концеротот насловен како „Балканските ритмови – културни празници“.

Пред неколку месеци, нашиот сограѓанин е назначен за вондреден професор на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а предава на одделите „Теорија на музиката и музичка педагогија“, односно на  „Вокално-инструменталниот оддел“, по предметите вокална и инструментална полифонија, музички форми со анализа, оркестрација, како и предмети (и ментор) на втор циклус студии на овој факултет.

OhridNews: Кои се вашите почетоци во музичките води и кој е мотивот што ве натера да се впуштите во она што се нарекува  композиција и музичко творење?

Г.Г.: Како „главен виновник“ кој ме упати во музичките води би го посочил мојот татко, кој за мојот трет роденден ми го поклони пијаното, кое патем и до ден- денес е присутно во моето опкружување, што претставуваше своевиден мотив за моето музичко делување.  Всушност за време на факултетските денови, композицијата и музичкото творење ги избрав како најинтересен, најоригинален оддел, кој претставува насока-занает, која побарува исклучителни резултати, многубројни предизвици и макотрпна работа.

OhridNews: Зад вашето портфолио стојат многубројни меѓународни награди и признанија, меѓу кои и оние од Санкт Петербург, Русија. Кои од сите нив ви се најдраги и колку истите ви претставуваат поттик повеќе за понатака?

Г.Г.: Па секако дека секоја награда си има своја тежина и посебно не би можел да издвојам некоја како посебна, бидејќи сите ми се драги. Или секоја награда, сама по себе, си има определено значење, вклучително и четирите последни награди од Русија, две од оваа година- трета и прва, како и ланските две- втора и трета награда. Секако дека до нив се стигнува со макотрпна работа, но откако ќе се освојат, тие претставуваат уште поголем предизвик и елан за што подалеку и што повисоки цели.

OhridNews: Колку е тешко, еден охридски музички творец да успее во земјава и странство?

Г.Г.: Ова прашање ќе ви го одговорам така што накратко, во неколку реченици ќе ви го опишам мојот досегашен животен пат. По завршувањето на основното училиште, започнав со изучување на средното, во охридската гимназија „Св. Климент Охридски“, на општата насока. Но, тоа како да не ми беше доволно, и јас тргнав по нови предизвици и таа година паралелно го изучував и музичкото средно училиште во Скопје, каде и се префрлив следната година. Средното музичко училиште го завршив со две дипломи, на отсеците: „Музичка теорија и педагогија“, како и инструменталниот оддел- специјал пијано. Уште од трета година средно образование, започнав со изучување на композиција. На додипломски студии се запишав на најсмелиот и најтежок оддел- композиција- кој единствено траеше 10 семестри, каде примаа само одредени кандидати и тоа не секоја година (туку на неколку години), преку строг приемен испит со детална проверка на знаењето. Во третата година од студирањето почнав со работа во Македонската радио-телевизија, каде започнав во детската редакција, па како музички соработик работев и во редакциите за забавна, сериозна и трета програма. Завршив во Македонската музичка и касетна продукција, како продуцент во редакцијата за сериозна музика, каде работев 4 години. Во меѓувреме, се запишав и на втор циклус на студии, каде завршив на отсекот по „Оркестрација“, а потоа се вратив во Охрид, поточно во ОМУ „Методи Патче“, каде работев 5 години. Дури потоа се појави идеата за ФМУ- Штип, каде што сум активен се до ден- денес.    

OhridNews: Минатата година, ја имавте светската премиерна изведба на делото „Дај Дуни“ за сопран и пијано во Хамбург, Германија. Колку често настапувате во и вон границите на Македонија?

Г.Г.: Покрај изведбите на дела на разни фестивали и манифестации ширум нашата држава, моите дела изминативе години прозвучија и на разни подиуми во странство, и тоа во: Бугарија (Софија), Србија (Белград), Русија (Санкт Петерсбург), Хрватска (Загреб), Германија (Хамбург), САД (Њу Јорк и Сан Франциско) и др.

OhridNews: Како универзитетски професор, можете да ја оцените состојбата со млади и талентирани музичари кои излегуваат од нашето поднебје. Колку често среќавате надарени ученици, кои во иднина ќе можат да го понесат товарот на она што се нарекува музичко творење?

Г.Г.: Општа констатација е дека нашето поднебје се карактеризира со бројни талентирани ученици од различна област. Секако, при моето делување, најпрво како наставник во ОМУ „Методи Патче“- Охрид, каде работев 5 години, исто така и моментално, како професор на ФМУ- Штип, имав и имам привилегија да соработувам со млади талентирани музичари, спрема кои, впрочем како што е случај и спрема сите ученици, го споделувам моето знаење и активно учествувам во нивниот образовен процес. А тоа секако донесува и бројни резултати, во вид на награди. На пример, додека бев наставник во музичкото училиште во Охрид, моите ученици беа учесници на бројни натпревари и оттаму се враќаа со разни награди. Започнувајќи од пофалници, па се до трети, втори, па и први награди, како од натпревари во земјава (реноминираниот домашен, но светски натпревар) „Охридски бисери“, републички и државни натпревари, но исто така и награди од странство (во Белград, Загреб и др.).

OhridNews: Покрај тоа што се занимавате со музика како композитор, кои инструменти преферирате да ги свирите?

Г.Г.: Иако на додипломските студии завршив на одделот по композиција, тогаш подееднакво успешно го изучував и пијаното, така што солидно ги владеам клавишните инструменти, со типки, како пијаното, синтисајзерот и слично.

OhridNews: Што може да се очекува од Гаврилоски во периодот кој ни претстои?

Г.Г.: Моментно, покрај работните обврски, во тек се и: креирањето на рецензирани скрипти за ФМУ, тимска работа при изработка на учебник во ФМУ, изучувањето на трет циклус- докторски студии, учество на натпревари, креирање на композиции за разни нарачки на дела, повици, конкурси и друго.

OhridNews: Порака до охриѓани!

Г.Г.: Доколку сме истрајни, трпеливи и упорни, не се знае кога, и од каде, но по непишано правило – секогаш се појавува шансата која може да ни гарантира успех во животот- треба само да ја дочекаме, препознаеме и искористиме на најдобар можен начин.

О.Трајчески

Водици 2014 во живо на OhridNews во цел свет