Ако нешто во Охрид ве потсетува на Дејвид Коперфилд, првата асоцијација за тоа е несомнено нашиот сограѓанин Филип Петрески. Овој млад ентузијаст, веќе 5 години сериозно се занимава со ова необично „хоби“, а неговата креативност и надареност му ги отвори вратите низ целата земја.

Неговата желба за изведување илузија потекнува уште од средношколските денови, а денеска може да се пофали со огромен број настапи ширум клубовите во земјава. „Уште кога бев средношколец, мојот татко ми покажуваше некои трикови, но не ми отркиваше како ги изведува. Од таму, се јави таа желба да почнам да вежбам едноставни трикови. На еден начин станав зависен од илузијата, за денес да се занимавам професионално со ова „хоби“. “ – вели Петрески.


Постојат повеќе поделби на илузијата, но главната делба е на стрит – улична и стејџ – сценска. Во уличната илузија се работи со мали реквизити, како шпил карти, парички, запалки и цигари. Таа е поблиска до гледачот, а може да се „опипа“ пулсот и расположението кај посматрачите. Додека,  сценската илузија се изведува строго на сцена, а најпознати трикови од овој отсек се сечење на човек на половина и лебдење.  Пред се, се трудам да направам спој помеѓу мојата прва љубов – картите и левитацијата. Исто така работам со парички, запалки, марами и други едноставни реквизити, а омилени ми се точките со левитација на прстен.“ – истакна младиот илузионист.


Филип е еден од основачите на единственото вакво здружение кај нас – НМАМ, преку кое се остваруваат контакти со илузионистите од балканот и Италија.

 „Кога го изведуваш трикот, понекогаш луѓето те гледаат со скептицизам и недоверба. Некои не го ни гледаат трикот, туку пробуваат да го откријат. Поентата е човек да се опушти и да ужива во оваа уметност, како што луѓето уживаат во кино, театар или опера.“  – вели Петрески.


Филип, покрај професионалното занимавање со оваа уметност, студира во нашиот главен град. „Неколку пати сум рекол, да сум на власт, Tom Waits ќе е предмет во основното образование. Во Охрид луѓето повеќе ме препознаваат по тоа што го работам отколку во Скопје. Тоа се должи на претходните познанства и другарства, односно, нашиот град е помал и зборот побрзо се шири. Сепак, имав можност во Скопје да се запознаам со луѓето кои денес се мои колеги и соработници.“ – потенцира нашиот сограѓанин Филип.


За крај Филип упати порака до своите охриѓани: „Уживајте во магијата како што уживате  во доручек и кафе, бидејќи Охрид е плодна почва за млади илузионисти и штета е нашите деца да не ги цениме!


Охридскиот Коперфилд – Филип Петрески
О.Т.