Освен два три театри во Скопје, останатите во внатрешноста работат во мизерни услови, на минусни температури, без соодветни простории и неопходна техника. Еден од нив е Охридскиот народен театар кој според театарските работници има најлоши услови во земјата.
-Јас имам работено претстава во овој театар и можам да кажам дека недостасуваат минимални услови за работа и најважното недостатува дом. Теaтарот не треба да биде во склоп на ниеден центар за култура. Во Охрид тоа е потребно особено бидејќи тука го имаме и Охридско лето и кога би постоела соодветна театаска зграда би можело да се донесат каде каде поквалитетни театарски претстави во светски рамки, а со тоа ќе добие многу и фестивалот.-вели режисерката Дејана Николовска.
Институцијата работи во склоп на Центарот за култура кој е изграден пред околу четири децении. Долго најавуваниот нов театар во Охрид засега е на „стенд бај“, вели директорот Стрезо Стаматовски. Според него најдобро би било Охрид да добие нов театар и нов Центар за култура. Покрај условите, проблем се и неизедначените примањата на театарските работници.
– Има луѓе во иста институција на иста позиција со различни примања и тоа мора да се унифицира еднаш засекогаш. Треба Министерството за култура да го направи тоа што е предуслов да функционира клтурата како што треба. – истакна Стрезо Стаматовски, директор на Центар за Култура Охрид.
Според експертите проблемите во културата се должат и на големата централизираност на државата што оневозможува рамномерен развој, а најмногу тоа го чувствуваат градовите во внатрешноста.
-Кај нас всушност имаме една флоскуларна децентралиација, бидејќи не е случена реална фискална децентрализација. Се е децентрализирано на фискално рамниште, а со самото тоа и на рамниште на распределување и одлучување за стратешки чекори и кадровски политики. – вели Искра Гешоска од граѓанското здружение „Јадро“ .
Во Охрид деновиве во организација на Министерството за култура и граѓанското здружение „Јадро со локална подршка на невладината организација „Медиа артес“ се одржа дебата за Нацрт-стратегијата за културен развој на Македонија за 2018-2022 година, во рамки на која предвидено е да се донесе Акционен план во кој треба да бидат имплементирани забелешките на културните работници и експертската јавност за подобрување на состојбите во културата.
-Целта е да се чујат мислењата на културните работници и нивните потреби и да се изградат соодветни културни политики. – истакна актерката Јасмина Билаловиќ од невладината организација „Медиа Артес“.
Вакви јавни расправи во текот на месец ноември се организираат и во другите градови низ земјата.
Г.М.















