Охриѓани и туристите во иднина ќе може да одат на пазар секој ден, бидејќи ЈП „Градски Пазар“ ќе воведе полно работно време во недела и за празници. Од Управата на пазарот велат дека измените во распоредот за работа, се прават врз основа на барањата на пазарџиите.

-Според досегашното работно време, во недела и за празници пазарот работеше до 14 часот. Но закупците на тезги се жалеа дека голем дел од муштериите токму во недела и за празници се слободни и можат да дојдат на пазарување. За да им излеземе во пресрет, во тек е утврдување и подготовка на нов работен режим на пазарот, односно продолжување на работното време во денот недела и за празници, вели Тони Коталески, директор на ЈП „Градски Пазар“.  

Тој информираше дека планирано е и продолжување на работното време во текот на летната сезона.

-Туристите и гостите во текот на летото имаат потреба од пазарување и во вечерните часови, па затоа сметаме дека поволно би било да го продолжиме работното време за околу два часа, па наместо до 21 часот, пазарот да биде отворен до 23 часот преку целата седмица. За таа цел планираме да поставиме и соодветно осветлување во пазарот, појаснува Коталески.

Пазарџиите со кои успеавме да исконтактираме велат дека се задоволни од оваа одлука на управата и се надеваат дека новото работно време, позитивно ќе влијае врз нивниот промет.

Според досегашното работно време зелениот пазар, по летното сметање на времето работеше од 07 до 21 часот, а во недела и на празници работеше по скретено работно време од 07 до 14 часот. Халата за продажба на јајца во текот на работните денови работеше од 08 до 21(19)часот, а во недела и на празници од 08 до 14 часот. Халата  која е наменета за продажба на текстил работеше од 09 до 21(19) часот, а во недела и на празници од 09 до 14 часот.

Е.М