Охридскиот публицист, новинар и фотограф Мишо Јузмески, преку промоции, сеќавања и други културни настани во изминатава година се погрижи да ги афирмира по малку заборавените уметници и дејци од нашето поднебје. Преку неговиот Културно информативен центар „Култура 365“, на еден начин тој ги оживеа охридските творци, за кои јавноста недоволно знае.
Од неговото перо, до сега се создадени голем број есеи, раскази, текстови и пет книги, кои во изминативе неколку децении го збогатија македонскиот литературен фонд. Творечките почетоци му се уште од основното образование, а во новиот век влегува како професионален писател.
„Почетокот на пишувањето е тесно поврзано со мојата страст кон читањето. Уште во основното образование, се јави појави таа желба за творење. Како што некој создал дело за јас како читател да уживам, сакав и јас да возвратам со иста мера. Со текот на времето, таа страст се продлабочи. Започна со еден есеј од средношколските клупи, па со текот на времето во 90-тите години, активно пишување во новиот милениум ми беше во преден план.“ – вели Јузмески.
Неговите професионални почетоци се во весникот „Народна волја“, каде веќе 14 години е член на уредувачкиот одбор. Крајот на деведесетите ги напушта во водите на писателската и публицистичка дејност, пишувајќи голем број статии и неколку книги. „Во различни списанија од земјава и странство, сум објавил натписи, расказаи и есеи на различни теми. Со „тврда“ корица имам создадено 5 дела. Првото мое такво остварување е современиот роман „Премин во маглата“, која е преведена на бугарски и англиски јазик. Потоа следат две збирки со разкази и критики насловени како „Нека биде светлина“ и „Пофални слова“.“ – исктанува Јузмески.
Творештвото му продолжва преку еден пообемен труд, односно монографијата за Елшани, „Живот меѓу камен и вода“. Ова дело претставува спој на науката и литературата, во кое е вложен голем напор. Последното дело издадено минатата година, е посветено на „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“. „Книгата е посветена на холандскиот писател и новинар А. ден Долард, кој веќе една година е присутна на книжевниот пазар. До сега е преведена на англиски јазик, а наскоро се надеваме дека ќе се појават преводи на други европски јазици.“ – истакнува охридскиот писател Мишо Јузмески.
Тематиката која е опфатена во неговите книжевни дела е секојдневието и опкружувањето околу нас. Во публицистичкиот дел, опфатени се историјата и културата, а инспирација за неговите книги црпи спонтано од настаните и случките. „Инспирацијата доаѓа како спонтан процес кој со текот на времето поинтензивно се разива. Желбата и идеата созреваат, за да дојде моментот кога пишуваш она што ти е во главата. Процесот е долг и зависи од многу параметри.“ – додава Јузмески.
Во слободно време, Јузмески покрај пишувањто се занимава и со фотографија и читање книги. Основач на е КИЦ „Култура 365“, преку кој охриѓани можат подобро да се запознаат со сите видови уметности. „Иако во градот имаме мала бројка граѓани кои посетуваат изложби од областа на сликарството ликовната уметност и литературата, сепак редовно и континуирано организираме вакви настани. Имаме некои планови превидени со нашата програма, со цел да ги оживееме имињата кои придонеле за културното живеење во Охрид.“ – вели Јузмески.
За крај, Јузмески на охриѓани им порачува што повеќе да посетуваат културни настани, бидејќи само така духовно се обогатува. „Охриѓани треба повеќе да се дружат со уметноста и културата. Ако некој вели дека не сака култура, се лаже. Секој на различен начин го доживува духовното хранење. Граѓаните нека доаѓаат почесто на културните настани и редовно нека ги следат настаните во КИЦ „Култура365“. – завршува Јузмески.
О.Т.