Утре истекува дополнителниот рок за пријавување на реонски попишувачи. Охридскиот пописен реон е еден од најкритичните во однос на пријавени кандидати за реонски попишувачи.
Во моментов недостасуваат 110 попишувачи Македонци, 11 Албанци, 5 Турци, 7 Роми и 1 Влав, а вкупно се потребни 214 попишувачи.“ Се надеваме дека со дополнителниот конкурс што трае до утре, ќе се пријават потребниот број кандидати и на 5 септември ќе можеме да стартуваме со полн капацитет, велат од Државниот завод за статистика.
Премиерот Зоран Заев вчера изрази oптимизам за одржување на пописот и уште еднаш апелираше граѓаните да се пријават на конкурсот за реонски попишувачи.
Ја користам приликата уште еднаш да апелирам до граѓаните да се пријават – едноставно е, само треба да се пријаваат на веб-страницата на Заводот за статистика. Важно е заради тоа што ова е операција што се спроведува во нашата земја после 20 години. Приходите на попишувачите, односно анкетарите што ќе ја спроведат оваа статистичка операција, ќе бидат помеѓу 25 и 40 илјади денари, рече Заев.
Инаку, охридскиот пописен реон покрива подрачје на две општини, Охрид и Дебрца. Според административниот регистар на просторни единици опфаќа 59 населени места.
Според Пописот од 2002 година вкупното население во општините кои ги опфаќа Охридскиот пописен реон изнесувало 61.256 со 18.007 домаќинства и 32.792 станови.
К.А.













